Таравари и Села решаваат за иднината на партијата

Арбен Таравари, Зијадин Села Фото: МИА

Централното претседателство се изјаснило за самостоен настап на изборите, секоја коалиција, без оглед дали е со владејачката ДУИ или со опозицискиот ЕСП, ќе значи неминовен расцеп, бидејќи дел од партиските структури се приклонуваат кон власта, дел кон опозицијата, велат во партијата.

По средбата помеѓу лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и претседателот на партиското Централното собрание, Зијадин Села, која треба да се случи денеска, најверојатно ќе се знае конечната одлука за тоа како партија ќе настапи на изборите. Села, откако синоќа во отсуство на партискиот лидер се сретна со претседателите на ограноците, очекува лично од Таравари да ја слушне понудата од состанокот со косовскиот премиер Албин Курти и со опозициските лидери Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.

Села претходно тврдеше дека не бил информиран за состанокот на Таравари во Приштина, детали што не ги знаеле ни првите луѓе на ограноците на Алијанса. Од Алијанса велат дека нејзиниот претходен и актуелниот лидер се слушаат или гледаат и дека нема ништо невообичаено во средбата. Висок партиски функционер потврдува дека наскоро се очекува Села да го свика Централното собрание.

Села, престедатели на ограноци, Фото фејсбук

Пред Алијанса да ја донесе конечната одлука за изборниот настап, прво се очекува средба на најтесното партиско раководство, кое ќе ги разгледа сите опции – едната е за самостоен изборен настап, другата опција за коалиција со ДУИ или со албанската опозиција, по што Таравари ќе го свика Централното претседателство (ЦП) и неговите членови ќе може да разгледаат повеќе опции за позиционирањето на Алијанса на изборите. На Централното собрание што го свикува Села, претседателот Таравари ќе понуди една опција, односно таа што го добила мнозинството од партиското раководство и од Претседателството.
На последниот состанок Централното претседателство се изјаснило за самостоен изборен настап и се очекува таа одлука да биде потврдена. Во спротивно партијата ќе се подели. Во Алијанса велат дека ако одлуката е коалиција – без оглед дали со владејачката ДУИ или со опозицискиот ЕСП, неминовен е расцеп бидејќи дел од партиските структури се приклонуваат кон власта, дел кон опозицијата.

Ни Села ни Таравари не одговараат дали има двовластие во партијата и дали Села се обидува да ја преземе Алијанса од Таравари. Висок партиски функционер објаснува дека ова не значи двовластие во нивната партија, туку дека состанокот на Села со ограноците е подготовка за Централното собрание и дека минатата недела и Таравари имал средба со ограноците за таа цел.

Села за ТВ21 изјави дека на средбата со шефовите на ограноците се разговарало за подготовките за состанокот на Централното собрание. Села вели дека нема намера да го преземе раководството на партијата.

– Се разговараше за технички организациски аспекти, подготовка и за информации поврзани со одржувањето на Централното собрание. Не поднесов оставка за сега да го враќам раководството на партијата, но секако имам одговорност да ја задржам партијата на нејзината идеолошка линија – изјавил Села.

Курти, Меџити, Таравари Фото: Меџити Фејсбук

По средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, Касами во гостување во емисија на Радио-телевизија Косово потврди дека е разговарано со Таравари тој да биде претседателски кандидат. И Таравари потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле тој да биде нивен кандидат за претседател на претстојните избори, но дека тој не е заинтересиран за таков ангажман.

Како што веќе објави „Слободен печат“, на средбата со Курти на маса биле ставени и конкретни предлози за кандидати за шеф на државата. Курти предложил Таравари и Касами да се договорат едниот да биде претседателски кандидат, а другиот носител во Шестата изборна единица, но според информациите со кои располагаме, не бил постигнат договор. ЕСП преферирал Таравари да биде претседателски кандидат, бидејќи Касами може да повлече повеќе гласови како носител на листата на Шестата изборна единица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот