Танц-фест 2021: Чекор понатаму за современиот танц

Заврши 17. издание на фестивалот за современ танц „Танц-фест“, кое од 1 до 7 јуни се одржа во Домот на армијата и донесе експлозија на емоции, енергија и убавина.

Фестивалот за современ танц „Танц-фест“ не само што успеа да ги надмине сите препреки што ги наметна пандемијата на коронавирусот, туку со годинашното издание оди чекор понатаму со промовирањето на својот нов дом и со фантастичната енергија со која беа изведени десет извонредни кореографии, потпишани од домашни, но и интернационални кореографи, а беа прикажани и два танцови филма.

Во рамките на фестивалот, публиката имаше можност да ужива во претставите на македонските кореографи Адријана Данчевска – „Не ми ги допирај очите“ и „Погрешно“, Дејан Битровски – „Ѓаволска дупка“, „Најлон“ на Валентино Апостоловски и Благој Мицевски. Една деценија успешна работа и современ танц, кој стои рамо до рамо со оние од светски ранг, одбележа Скопје танцовиот театар со претставата „Меѓусвет“.

Скопје танцовиот театар со претставата „Меѓусвет“ одбележа 10 години од основањето / Фотографија: Драган Перковски

Живописната приказна која „Меѓусвет“ ја раскажува е инспирирана од вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“, а во фокусот ја става жената, нејзината улога во општеството и пренесува порака за битисувањето во патријархатот. Зад кореографијата и режијата на „Меѓусвет“ се потпишува Рисима Рисимкин, музиката ја компонираше Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцена е на Матеа Мијановиќ.

Адријана Данчевска и Дејан Битровски во претставата „Не ми ги допирај очите“ / Фотографија: Драган Перковски

Од интернационалните гости, танчарот Жиган Крајнчан од Љубљана, Словенија, се претстави со „Fusion with Myself“ во продукција на „Exodos“, „Загребачки плесни ансамбл“ ја одигра претставата „Revel Revel“, а во соработка со „Театроскоп“, Францускиот Институт и Француската Алијанса Тетово, францускиот кореограф и танчар, Амала Дианор, се претстави со својата соло танцова претстава „Man Rec“ во Домот на култура во Тетово, но и пред скопската публика во Домот на АРСМ.

Независна продукција „Најлон“ на Валентино Апостоловски и Благој Мицевски / Фотографија: Драган Перковски

Публиката можеше премиерно да ги види и танцовиот филм „Витро“ на младиот Филип Петровски и „Дома“ на кореографката Адријана Данчевска. Во рамките на фестивалот, студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова ја одиграа својата дипломска претстава „Јас сум, тука сум“, а заедно со Викторија Коцева и Антонија Димитревска танцуваа во „Погрешно“ на Данчевска.

Традиционално, на „Танц-фест 2021“ од стручниот совет во состав Љупчо Јолевски, Биљана Илиќ Героска и Билјана Нестороска беа доделени престижните награди „Менада“. Наградата „Менада за млад уметник“ оваа година ѝ припадна на Матеа Киселичка, кореографка што во моментов работи и твори во Кина, а „Менада за врвни достигнувања во областа на танцот“ ѝ беше доделена на американската кореографка и уметница Каролин Карлсон, која најави дека следната година ќе дојде во Скопје. Фестивалот му оддаде почит и на легендата на македонскиот балет, Антон Тони Баталаков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот