Таксистот Славко Цариќ од Скопје им нуди бесплатен превоз на најстарите и изнемоштените лица!

Во време на глобална пандемија кога сите се трудат да останат безбедни, Славко Цариќ од Скопје им нуди бесплатен превоз на најстарите и изнемоштените лица на територија на Општина Центар, секој ден од 07 до 10 часот. Тој е лиценциран и индивидуален таксист, а со својот хуман гест несебично докажува дека секој од нас може да допринесе во борбата против коронавирусот.

На ваквиот чекор, Цариќ, во изјава за „Слободен печат“, вели дека се одлучил откако во маркетите и на улиците се почесто забележувал како постарите лица имаат потешкотии да ги завршат неопходните обврски за време на епидемијата. Така, минатата недела во маркет, Славко и понудил на една постара личност превоз до дома при што не и наплатил за услугата, за потоа неговата сопруга да го поддржи во идејата да им понуди бесплатен превоз на најстарите и изнемоштените лица за време на епидемијата.

Цариќ истакнува дека ова не го прави за да се промовира или за реклама, туку дека станува збор за хуман гест од негова страна. Вели дека работата на такси компаниите опаднала за дури 90%, па своето слободно време во тој период од денот да го искористи за да помогне колку што може, а особено на Општина Центар.

– Ме поттикнаа и хуманите активности на Општина Центар и градоначалникот Богдановиќ, покажаа дека се грижат за своите граѓани. Општината ми помогна кога ми беше најпотребно и сакам да возвратам- вели Цариќ за „Слободен печат“.

На прашањето, дали се плаши за своето здравје, Цариќ вели:

„Се разбира дека се плашам, станува збор за пандемија. Имам соодветна заштита за мене и патниците во автомобилот, користам маска и ракавици, а ставив и заштитна фолија.“

Бесплатниот превоз го нуди веќе една недела, а досега имал над 15 патници кои се јавиле и побарале помош. Славко истакнува дека тој ова го прави само на територијата на Општина Центар, со надеж дека повеќе индивидуални таксисти и такси компании од Скопје ќе се придружат во иницијативата.

Доколку живеете на територијата на Општина Центар и Ви треба помош од таксистот Славко Цариќ, побарајте го на телефонскиот број 078 923 – 098.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот