Тачи го напушта Фронтот, но не и Ахмети
Тачи лично не потврдува, но од коалицијата предводена од ДУИ ја потврдуваат информацијата. И Села за „Слободен печат“ негира дека нетрпеливоста меѓу нив е причина за заминувањето на Тачи.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи го напушти Европскиот фронт, но не и предводникот на Фронтот, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тачи лично не потврдува, но од коалицијата предводена од ДУИ ја потврдуваат информацијата. Допрва се очекува тој да ги образложи причините зошто заминува од Фронтот и дали во Собранието ќе дејствува како независен пратеник. Воздржани се и премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Изет Меџити дали е можно лидерот на ДПА да дејствува со владејачкото мнозинство.
Од Европскиот фронт се лиферуваат различни информации зошто Тачи веќе не е дел од коалицијата во која партиципираат повеќе партии кои заеднички настапија на последните парламентарни избори.
Најпласирана е информацијата дека повеќегодишната нетрпеливост помеѓу Тачи и лидерот на дел од Алијанса за Албанците Зијадин Села е причината зошто тој го напушта Фронтот. Но од Алијанса брифираат дека Тачи и Села со другите лидери од коалицијата заеднички ја воделе предизборната кампања на Европскиот фронт, дека во Собранието разменувале ставови, пиеле кафе…
И Села за „Слободен печат“ негира дека нетрпеливоста меѓу нив е причина за заминувањето на Тачи.
– Нема врска тоа – кусо ни изјави Села, но не одговори дали му се познати причините за заминувањето на Тачи.
Висок функционер од ДУИ брифира дека Тачи наместо мултилатерална комункација со Фронтот, сега билатерално ќе соработува само со Ахмети. Велат и дека не е битно дали лидерот на ДПА ќе дејствува како независен пратеник, односно дека неговото заминување нема да влијае на пратеничката група на Европскиот фронт, зашто власта има безмалку двотретинско мнозинство.
Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт Блерим Беџети не го коментира заминувањето на Тачи.
– Европскиот фронт го има истиот број пратеници во Собранието. За други прашања или дилеми треба да се обратите до Мендух Тачи или до Али Ахмети – рече Беџети.
На новинарско прашање зошто отсуствувал Тачи на настанот „100 дена скандали и омаловажувања“ Беџети одговори дека и при други активности се случува да отсуствува некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт.
– И во другите активности отсуствувал некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт. Ве уверувам дека тоа е нормално, секој со своите обврски и протоколарни средби може да отсуствува во некоја од средбите – рече Беџети.
За Меџити од владејачката Вреди очекувано е заминувањето на Тачи од Европскиот фронт.
– Партиите од „Европскиот фронт“ не се споија идеолошки или за поголеми цели, туку за да опстанат на политичката сцена. Моментот што не се влада нема политичка кауза за Фронтот – рече Меџити.
Меџити додаде дека тој лично не преговара, но и дека нема информација дека се преговара со Тачи за негово преминување во владејачката „Вреди“.
На прашање дали планираат да преговараат со пратеници од коалицијата предводена од ДУИ за премин на нивна страна, Меџити кусо одговори:
– Мислам дека во наредниот период ќе има повеќе информации за тоа – рече Меџити.
Премиерот, пак, рече дека не би сакал да коментира за случувањата во опозицијата.
– Можам да кажам дека владината коалиција е стабилна, со речиси двотретинско мнозинство во парламентот. Тоа што се случува во опозицијата јас не би сакал да ги облекувам нивните чевли и да коментирам. Претпоставувам повеќе одговори на тоа што се случува таму ќе добиете од самите актери во опозицијата – рече Мицкоски.
И Ахмети отсуството на Тачи од настанот „100 дена скандали“ не го поврза со негово напуштање на Европскиот фронт.
На последните парламентарни избори Тачи беше на листата за пратеници на Европскиот фронт во Шестата изборна единица. Само тој од ДПА влезе како пратеник во Собранието. Токму заедничкиот настап на изборите повторно по повеќе години ги соедини Тачи и Села откако во 2014 година, по судирот меѓу нив, Села го формира Движењето за реформи во ДПА и набрзо потоа ја основа Алијанса за Албанците. Расколот, пак, во Алијанса меѓу Села и Арбен Таравари ја подели Алијанса и уште трае правната битка чија е партијата. Судирот меѓу Села и Таравари ги засегна и експратениците и поранешни сопартијци од ДПА предводена од Тачи, Мерал Узаири Ферати, Беким Фазлиу, Газменд Алии и Орхан Ибраими, кои во изборната кампања за последните парламентарни избори застанаа зад Таравари.