Оземпик / Фото: Jaap Arriens / Zuma Press / Profimedia

СЗО препорачува употреба на нови лекови за слабеење како што е „оземпик“

Светската здравствена организација (СЗО) ја препорача употребата на новите лекови за слабеење GLP-1 за да се сузбие растечката појава на дебелината, истовремено повикувајќи ги фармацевтските компании да ги намалат цените на ваквите препарати и да го зголемат производството, за да можат и помалку развиените земји да дојдат до лекови од овој вид.

Најновите упатства на СЗО вклучуваат условна препорака на лековите GLP-1, како што се „вегови“, „оземпик“ и „мунџаро“, како дел од поширокиот пристап што вклучува здрава исхрана, вежбање и лекарска поддршка.

СЗО ја опиша препораката како „условна“ поради ограничените податоци за долгорочната ефикасност и безбедност на GLP-1, при што препораката не се однесува на трудниците.

Организацијата предупреди дека, иако препаратите GLP-1 сега претставуваат признаена терапија во развиените земји, тие до 2030 година ќе бидат достапни за помалку од 10 отсто од луѓето.

Меѓу земјите со највисока стапка на дебелина се земјите од Блискиот Исток, Латинска Америка и Пацифичките Острови, наведе „Политико“.

Како што се додава, лекот „вегови“ на почетокот на оваа година, меѓутоа, бил достапен само во околу 15 земји.

СЗО наведе дека фармацевтските компании треба да размислат за намалување на цените за помалку развиените земји и за давањето лиценци на патентите и технологијата за да им овозможат на другите производители да произведуваат GLP-1.

Како што рекла советничката на СЗО за проблемот со дебелината, Франческа Челети, потребна е „одлучна акција“ за да се прошири достапноста на GLP-1, а како пример ги навела антиретровирусните лекови против ХИВ од почетокот на 21 век.

„Сите мислевме дека е невозможно, но потоа нивните цени паднаа“, истакнала таа.

Официјалното лице на СЗО, Џереми Фарар, рекол за „Политико“ дека упатствата ќе им дадат зелено светло на производителите на генерички лекови да прават поевтини верзии на GLP-1 кога патентите ќе истечат.

Клучните патенти за семаглутид, состојка во „оземпик“ и „веговии“ на компанијата „Ново Нордиск“, ќе истечат во некои земји следната година, вклучувајќи ги Индија, Бразил и Кина.

Цените треба да се намалат штом генеричките лекови ќе се појават на пазарот, но тоа не е единствената пречка.

Лековите што се користат како инјекции мора, на пример, да се чуваат во ладни услови, а како што навела Челети, здравствените системи треба да бидат опремени за издавање на овие лекови кога ќе станат достапни.

Продажбата на лажни лекови за слабеење е во пораст низ цела ЕУ

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот