Свежиот бран на музичката алтернативна сцена ќе настапи на новиот фестивал „Ре-старт“ во „Лабораториум“
Осум млади македонски групи ќе го „окупираат“ просторот на „Лабораториум“ во петок и сабота на 6-ти и 7-ми февруари. Најистакнатите претставници на свежиот бран на алтернативната сцена ќе настапат во две ноќи, со почеток во 20 часот, на новата локација на „Лабораториум“.
Препорачано
Првата фестивалска ноќ е резервирана за „Член 16“, „Малард“, „Корка“ и „Големата вода“, а веќе следниот ден ќе настапат „Персеида“, „ЛСД Дјуринг Вор“, „Калико“ и „Животни“.
– Брод полн со свеж звук, пловејќи по новиот бран на македонски бендови стига до вашите уши во „Лабораториум“. Наменет е да ги прикаже бендовите кои највеќе се истакнаа минатата година. „Ре-старт“ повикува осум млади македонски групи да го покажат својот звук. Слушнете ги овие храбри морепловци во „Лабораториум“ – повикуваат организаторите.
Сите од овие бендови во последниот период на свој начин придонесоа за видно придвижување на алтернативната музичка сцена, а меѓу составите кои ќе се претстават на фестивалот „Ре-старт“ се и „Корка“ од Кочани, кои минатата година ја освоија првата награда од публиката на меѓународниот музички натпревар за млади музичари „Имеџин мјузик експириенс“ во Брисел.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 318, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.1.-1.2.2026)


