Свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ на Оливера Ќорвезироска ќе се одржи во ДПМ
Свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ за 2025 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, ќе се одржи во среда, на 20 мај, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), со почеток во 19 часот.
Препорачано
Годинашен лауреат на ова престижно признание е романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Либрис“. Оваа одлука ја донесе петчленото жири во состав: Калина Малеска, Ивана Трајаноска, Иван Антоновски, Иван Шопов и Катерина Богоева.
На конкурсот што годинава се одржува по 27-пат пристигнаа дури 46 романи, а жирито ја донесе одлуката со мнозинство гласови, по претходно неколкукратно селектирање на пристигнатите романи.
– „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои сепак на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта. Овој конфликт меѓу емотивната сила на протагонистките и традиционалните норми чии носители се другите ликови во нивното опкружување ја гради динамиката на сложените меѓучовечки односи. Ќорвезироска умешно успева да избегне морални осуди, и наспроти тоа, се впушта во пресек на комплексните мотиви на трите Марии, стегите кои тие ги чувствуваат, нивниот страв, чувството на вина, гневот, самодеструктивноста и интензивните емоции. „Трите Марии“ е роман што внесува бескомпромисно искрено претставување на психолошките состојби на главните ликови, кои се соочуваат со вистината и тогаш кога е болно таа да се прифати, избегнувајќи самозалажување или идеализирање – посочуваат во своето образложение членовите на жири-комисијата.

За музичката придружба на свечената церемонија ќе се погрижи Диџеј Шурбе.
Наградата, што се состои од оригинална статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари, е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.


