Сузана Турунџиева: Кога може Атиџе, можам и јас!

Instagram
Фото: Instagram

Како жена што цел живот трага по одговори и верно ја следи својата интуиција, имав силна и уникатна причина да ја сретнам Атиџе и да ѝ се заблагодарам за поддршката што (иако не е свесна) ми ја даде во најтешкиот ден од мојот живот.

Ќе бидам неискрена ако не ви признаам дека јас всушност од 15 јануари (денот кога за првпат го гледав документарецот) сонував за денот кога ќе ја запознаам лично хероината од овој толку значаен (за човештвото) документарен филм. Се сеќавам дека тој ден бев под толку силни импресии што не го изгледав само еднаш, туку го враќав трипати од почеток, за да успеам да го запаметам секој детаљ од филмот што длабоко ме трогна. Ја исплакав длабоко во себе, и не престанав да  мислам на неа, дури и доцна во ноќта откако легнав да спијам… Имав некое лошо претчувство… Ме мачеше некој чуден немир и жал, затоа што дури сега дознаваме за оваа жена, која на еден толку уникатен и неверојатен начин ни ја соопшти најголемата вистина за човековото постоење…. Пола за мене, пола за пчелите!

Само што затворив очи и потонав во сон (доцна во ноќта, односно рано утрото), во мојата соба како тајфун се втурна мојата мала ќерка и низ вресок ми рече: „А, бе, стани мамо, надвор гори кола!“

Набрзина отидов до прозорецот и го видов мојот (тукушто купен) автомобил во огромен пламен, а тројца пожарникари се обидуваа да го спасат автомобилот од мојата десна страна, бидејќи мојот дел веќе беше целосно изгорен…

Наредните 4-5 часа додека одвај ме држеа нозете надвор на студот, каде што требаше да им ги дадам сите неопходни изјави на претставниците на законот, низ главата си ја премотував „лентата“ на мојот живот, редејќи „слики“ од сите мои претходни автомобили, кои сите заедно не ми значеа толку колку што ми значеше овој, кој тукушто изгоре. Го пеплосаа…

Гледајќи во остатоците од  автомобилот, размислував за Атиџе, за нејзиниот живот… За нејзината судбина и километрите што таа секојдневно ги оди пеш низ планините сосема сама… Таму, каде што пиле пее, каде што нема ни струја, ни пат, таа секојдневно (и во лето и во зима) пешачи по 35 километри (низ козји патеки) до најблиското село за да набави храна, лекови и најнеопходни работи, за повторно пеш, со натоварени торби да се врати назад во нејзината Бекирлија.

Помислата на неа ми даде огромна сила, волја и поттик да истраам во таа ужасна ситуација, во која никако не можев да го извадам од памет крикот на ќерка ми и солзите што таа ги пролеа тоа утро и неколку денови потоа… Сè додека еден ден не ја зедов во прегратка и почнав да ѝ раскажувам за „Медена земја“, за Атиџе, за нејзиниот живот, за пчелите… За сè! Ѝ нагласив дека таа никогаш немала автомобил и дека тоа никогаш не ѝ било важно, бидејќи имала две здрави нозе, ги имала пчелите, најубавиот мед на светот, семејството, и тоа ѝ било доволно за да биде благодарна на животот. Се сеќавам дека ѝ реков: „Кога може Атиџе (да оди пеш), можам и јас!“

Тогаш ѝ ветив дека еден ден ќе ја однесам кај Атиџе, ако треба и пеш. Таа се израдува многу и навистина со нетрпение го очекуваше денот кога ќе отидеме во Медената земја.

За волја на вистината, од тој ден, до денот кога конечно го реализиравме патувањето, поминаа повеќе од осум месеци, но со оглед на тоа што јас сум сè уште без автомобил, морав да дочекам погоден момент кога заедно со автомобилот на моите пријатели се создадоа услови да ја посетиме Медената земја.

Но, и тогаш немавме поим дека со обичен автомобил не се стасува до Медената земја, како што не знаевме дека нема да ни бидат во функција ни „мобилките“ и дека патот дотаму е многу ризичен и непристапен…

Поучена од тоа дека среќата ги следи храбрите, претчувствував дека Бог ќе ни прати некој негов пратеник што ќе ни го овозможи безбедно патувањето до Бекирлија. И така, благодарение на добриот Хусеин од селото Дурфулија, ние со неговото комбе стигнавме кај Атиџе и желбата на Матеа беше исполнета.

Она што го доживеавме таму, не се опишува со едноставни зборови. Нејзината енергија, едноставност, интелигенција, музикалност и желба за дружење и пеење е нешто што ме воодушеви и ми го стопли уште повеќе срцето. Во тие неколку часови мислам дека успеав да го излекувам секое болно и тажно сеќавање од онаа ноќ, кога на нозе ме додржа само помислата на хероината Атиџе и зборовите:

Кога може Атиџе, можам и јас!

Помислата на Атиџе ми даде огромна сила, волја и поттик да истраам во таа ужасна ситуација, во која никако не можев да го извадам од памет крикот на ќерка ми и солзите што таа ги пролеа тоа утро и неколку денови потоа… Сè додека еден ден не ја зедов во прегратка и почнав да ѝ раскажувам за неа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот