Судскиот совет ја отфрли како неоснована претставката од Бране Петрушевски по пресудата за навреда и клевета

Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ / Утрински брифинг

Судскиот совет на денешната седница ја одби како неоснована претставката на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, која тој лани во ноември ја поднесе против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово откако тој пресуди во корист на неговиот колега од СДСМ, Мартин Костовски, кој го тужеше Петрушевски за навреда и клевета искажана од собраниска говорница.

Членката на Судскиот совет, Лорета Георгиева, на денешната седница на Советот рече дека побарала изјава од судијата кој постапувал по предметот. Вели дека и во судската одлука и во изјавата на судијата се посочува дека собраниската говорница и имунитетот го штитат пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Во оваа насока, Георгиева вели дека е на иста линија со судијата.

„Од истите причини (судијата) смета дека не може да биде амнестиран кој било кога изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Со оглед дека се работи за пратеници, со тоа и на партијата и граѓаните кои ова лице ги претставува и врз основа на чии гласови е пратеник. Јас лично се согласувам со изјавата на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини“, изјави Георгиева.

Во расправата на денешната седница на Советот, членот Антоанета Димовска рече дека се согласува оти претставката на пратеникот Петрушевски е неоснована, но оти не би се пуштила во такви детали, бидејќи, како што посочи, претпоставува дека по овој предмет ќе има жалба и ќе си каже жалбениот суд.

„За мене судијата одржал рочиште, донел пресуда, го искажал својот правен став и толку. Се друго е предмет на жалба. Не би се впуштила во меритумот на одлучувањето. На тој начин да се образложи, а дека е неосновано, е неосновано“, изјави Димовска.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, посочи дека личниот став останува на членот и не смее да се смета за прејудицирање и став на Советот.

По одбивањето на претставката од страна на Судскиот совет, пратеникот Бране Петрушевски во објава на неговиот фејсбук-профил вели дека почетокот на годината не навестува дека овој состав на Судскиот совет е способен да си ја врши работата и да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството.

„Денес на јавна седница на Судскиот совет е отфрлена мојата претставка за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, кој донесе скандалозна пресуда против мене, не уважувајќи го мојот уставно загарантиран имунитет како пратеник. Дека Судскиот совет го пробива и дното, покажува изјавата на судијата известител Лорета Георгиева, која сметала дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета, што е базично и еклатантно непознавање на правото“, пишува Петрушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот