Трамп

Судска офанзива против Трамп: 20 американски држави ја тужат Владата на САД – Калифорнија е рекордер, досега поднела 49 тужби

Коалиција од „сини“ сојузни држави во САД поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп поради надоместот од 100.000 долари за Х-1Б визи, соопштија во петокот неколку демократски јавни обвинители, објави „Си-ен-ен“.

Администрацијата на Трамп во септември најави дека ќе го воведе овој надомест за Х-1Б визите, образложувајќи дека програмата е прекумерно користена.

Тужбата ја поднесоа јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, и јавната обвинителка на Масачусетс, Андреа Џој Кемпбел, со поддршка на јавните обвинители од Аризона, Колорадо, Конектикат, Делавер, Хаваи, Илиноис, Мериленд, Мичиген, Минесота, Невада, Северна Каролина, Њу Џерси, Њујорк, Орегон, Род Ајленд, Вермонт, Вашингтон и Висконсин.

Х-1Б визите им овозможуваат на странски професионалци да бараат работа во области што се сметаат за високо специјализирани. За да ги исполнат условите, апликантите мора да имаат завршено најмалку дипломски студии или еквивалентно образование.

Администрацијата на Трамп се соочува со тужба поради операциите против „нарко-бродови“

„Конгресот никогаш не овластил претседател да наметне шестцифрен надоместок“

Либералните јавни обвинители тврдат дека новата политика и надоместот, кои ги спроведува Министерството за внатрешна безбедност, ги надминуваат овластувањата што Конгресот ги дал за оваа програма.

„Конгресот ја усовршуваше оваа програма – поставуваше квоти, утврдуваше надоместоци, ја зајакнуваше контролата и ги подобруваше заштитите, но никогаш не му дал овластување на еден претседател да наметне шестцифрен надоместок со цел целосно да ја демонтира програмата,“ изјави Бонта на прес-конференција во петокот.

Бонта предупреди дека ваквиот надоместок ќе создаде сериозен финансиски товар за државните институции и за приватните работодавачи, со што ќе се отежне пополнувањето на слободните работни места.

Тој посочи и колку многу вработени во САД зависат од програмата Х-1Б, наведувајќи илјадници здравствени работници, наставници и истражувачи, меѓу другите професии. Според Бонта, речиси 30.000 едукатори на национално ниво поседуваат Х-1Б виза, а лани 17.000 носители на оваа виза биле здравствени работници.

Калифорнија досега поднела 49 тужби против Трамп

Бонта на прес-конференцијата изјави и дека сојузната држава Калифорнија досега поднела 49 тужби против администрацијата на Трамп откако таа стапи на функција во јануари.

„Суштината е дека ниту една претседателска администрација не може да го препишува имиграцискиот закон. Ниеден претседател не може по своја волја да ги дестабилизира нашите училишта, болници и универзитети, ниту, пак, може да ја игнорира рамноправната гранка на власта, Конгресот, да го игнорира Уставот или законот,“ рече Бонта.

Големите брендови поднесоа тужби против царините на Доналд Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот