Колаж: Слободен печат

Судот во Стразбур одлучи: Жалбите на осудените од предмети на СЈО се недопуштени, постапките продолжуваат

Апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени, одлучи Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП).

Одлуката, според соопштението на Судот е финална, а објаснувањето е дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Според тоа, предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.

Жалбите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 години, но по бурните реакции потоа ја повлече.

Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.

Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Предметот во ЕСЧП е „Талески и останатите против Северна Македонија“.

„Најголем дел од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во времето на настаните кои се во прашање, и сите тие имаа истакнати јавни позиции, вклучувајќи го и премиерот, владини министри и градоначалници. Ним им се суди за наводни кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското, широко распространето прислушување. Тие добија претседателски помилувања кои беа подоцна поништени. По поништувањата им се судеше, што е предмет на овој предмет“, пишува во одлуката од Судот.

Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпиле домашните правни лекови, а заклучокот е дека жалбите според член 6 што се однесува на правото на правично судење биле предвремени, како што би направиле домашните власти и тие имале можност прво да се осврнат на нив во кривичната постапка што е во тек. Темелко, пак, во врска со член 5 за правото на слобода и безбедност не ја подигнал својата жалба пред домашните судови, додека правниот лек кој друг апликант –Талески – за кој се тврди дека бил ефективен, бил одбиен како задоцнет пред националниот суд, „одлуки кои се чини не биле произволни“.

Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Останатите кои потоа поднесоа апликации се: бившиот премиер Никола Груевски, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко.

Одлуката ја донесе комисија од седуммина судии од Норвешка, Финска, Велика Британија, Турција, Малта, Белгија и Молдавија.

Пендаровски ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур: Тужбата против земјава е отфрлена

За Владата одлуката од Стразбур е во корист на државата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот