Студенти се жалат: Поради коронавирусот им ја откажале апсолвентската екскурзија, а ќе им платат со ваучер!

Некои клиенти застануваат на страната на агенцијата, со апели да се има разбирање за нив, бидејќи навистина, веќе уплатиле пари во европските хотели и веќе се соочуваат со загуби поради вонредната состојба со откажаните патувања за Европа поради ковид 19.

Реномирана македонска туристичка агенција, со долгогодишно искуство во организирање апсолвентски екскурзии за студентите кои го завршуваат високото образование, се соочува со барања на стотици студенти да им ги вратат парите што ги уплатиле за апсолвентската екскурзија која поради ситуацијата со коронавирусот се откажала.

Било договорено агенцијата да организира апсолвентско патување за 700 студенти од земјава, но поради состојбата со ковид 19 екскурзијата морало да биде откажана. Агенцијата им понудила на студентите што платиле над износот на реалните трошоци, да добијат поврат на средствата во износ на разликата. Но, парите за реалните трошоци, за веќе платените ноќевања во хотелите низ Европа каде требало да ноќеваат апсолвентите, веќе биле уплатени и агенцијата не ги враќа.

Сите апсолвенти добиле понуда да добијат ваучери за некое следно патување и може да бираат дали ќе им се вратат осум илјади денари за било кое патување до 31 декември 2021 година, или ваучер од 10.000 денари за апсолвентска екскурзија во 2021 година.

-Наредниот период согласно чекорите на субјектите кои се во насока на наша помош и обештетување согласно законските можности, како и барањата за поврат од хотелите, врз основа на реализираното обештетување и поврат, континуирано ќе дејствуваме на дополнителен поврат на средствата доколку не се искористи ваучерот” – ги информирала агенцијата студентите.

Станува збор за екскурзија низ Европа во времетраење од дваесет дена. Требало да се оди во Италија, Германија, Шпанија, Холандија и други европски земји, но од тоа не биднало ништо. Студентите се револтирани зашто не им се враќа целиот износ на парите поради тоа што ангажманот не бил откажан по нивна вина.

Мартин Бојмалиев, апсолвент на ФИНКИ за „Слободен печат“ вели дека до крајот на јануари уплатил 10.000 денари за апсолвентската.

-Според договорот што го имавме потпишано во вонредна ситуација ако се случи организаторот да го откаже патувањето имаме право на целосна рефундација. Другата агенција што исто така носи студенти на апсолвентска ветува дека на тие клиенти ќе им ги врати парите целосно. А ние, ваучери за следната година или да ни вратат дел од разликата. Тие навистина имаат трошоци, но кога планираат таква екскурзија, претпоставувам дека си ги осигуруваат своите пари зарем не? – прашува Бојмалиев.

-Во ред е што се откажува поради ситуацијата, никој не го предвиде ова, пред се е најважно здравјето, ама многу од нас следната година нема да можат да си дозволат да одат на апсолвентска бидејќи имаме други планови, а исто така не сака секој да биде обврзан со друго ваше патување. Зошто едноставно не ги враќате тие пари, прашува една од клиентките апсолвентки на Фејсбук страницата преплавена со реакции кон агенцијата.

Фрштат и закани за тужби и цитирање на договорот што агенцијата и студентите го склучиле, а во кој пишува дека во случај на вонредни околности кои организаторот не можел да ги предвиди, учесникот во програмата има право на рефундација на нереализираните услуги.

Некои клиенти застануваат на страната на агенцијата, со апели да се има разбирање за нив, бидејќи навистина, веќе уплатиле пари во европските хотели и веќе се соочуваат со загуби поради вонредната состојба со откажаните патувања за Европа поради ковид 19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот