Студенти и средношколци ќе подготвуваат бетон, неговата издржливост ќе се провери на 26 јули

Во рамките на серијата настани насловени како „Скопско асеизмичко лето“ кои се посветени на одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, Градежниот факултет, АДИНГ АД Скопје и средното градежно училиште „Здравко Цветковски” го организираат настанот БЕТОН.Ск.

Главна цел на овој настан, посветен на производството на бетон како најмногу употребуван и истовремено најчувствителен на импровизации конструктивен материјал, што ќе се одржи во дворот на фабриката АДИНГ во понеделник со почеток од 11.30 часот, е подигнување на јавната свест за потребата, значењето и улогата на квалитетно домашно градежништво, а со тоа и на отпорните градби кои се единствен одбранбен механизам од дејството на земјотресите и другите природни хазарди.

 Истовремено, со него сакаме да ја потенцираме важноста од доследно почитување на стандардите и пропишаните постапки за изработка на квалитетни градежни материјали, без што се навлегува во зона на ризични авантури со несогледиви последици – информира деканот на Градежен факултет, проф. д-р Горан Марковски.

На настанот пет групи составени од по два студенти од Градежниот факултет и еден ученик од средното училиште Здравко Цветковски ќе треба да приготват бетон со одреден квалитет и да го вградат во контролни пробни тела. Јакоста на притисок на изработениот бетон ќе се испита на 26 јули во 5:17 часот.

Со ова симболично ќе се одбележи 60-годишнината од земјотресот чии катастрофални последици најмногу се должат на лошиот квалитет на тогашните градби. Истовремено, како што вели професорот, настанот треба да послужи и за зголемување на видливоста на градежништвото, како дејност од суштествено значење за нормално функционирање и развој на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот