Стотици мигранти кампираат на полско-белоруската граница на сè пониски температури

Фото: EPA-EFE/LEONID SCHEGLOV

Стотици мигранти кампираат на многу ниски ноќни температури во близина на границата меѓу Полска и Белорусија , а властите денеска предупредуваат дека во следните денови може да дојде до зголемување на тензиите.

Полска ја обвинува Белорусија дека се обидува да предизвика поголем конфликт со охрабрување на мигрантите да преминат во Полска и во Европската унија.

На социјалните мрежи се вртат видеа од стотици мигранти кои се движат кон полската граница, кај селото Кузница, а некои дури и се обиделе да ја пробијат оградата со лопати и друг алат.

Полската полиција денеска објави снимка од шатори на мигрантите и камперски огнови од белоруската страна на оградата од бодликава жица.

Полската гранична стража за британските медиуми соопшти дека околу 800 лица се наоѓаат на белоруската страна од оградата и тие се дел од групата од околу 4.000 мигранти кои се кријат во блиските шуми.

Портпаролот на полските специјални сили изјави дека во Белорусија може да има и до 12 000 мигранти.

Полските власти денеска во 6 часот утринава го затворија официјалниот граничен премин со Белорусија, во близина на местото каде што илјадници мигранти се обидоа да се пробијат.

Полска јави дека распоредила дополнителни војници и полиција на границата со Белорусија.

Заменик министерот за надворешни работи, Павел Јаблонски, за приватното радио Зет повтори дека на Полска засега не ѝ е потребна дополнителна помош од Фронтекс.

Извор: МИА

Владата на Литванија одобри вонредна состојба на границата со Белорусија

Видео на денот