Стојаноска: Заев знае дека е нелегално подарувањето на 33 милиони евра на Макпетрол и затоа бара закон

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата по 21-часовна дебата во Собранието засега го спречија или го оневозможија СДСМ да му подари 33 милиони евра на Макпетрол, за преку тоа Заев да добие доминација на Телма, изјави вчера пратеничката Дафина Стојановска. 
– Заев со народни пари сака да си купи медиумски простор, но и да го наполни џебот на еден олигарх. Власта сака на мала врата, без доволно информации и консултации со јавноста, да изгласа закон со кој ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50 отсто во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по енормно висока цена од 33 милиони евра, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18.8 милиони евра. Се поставува прашањето: Зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14.2 милиони евра? Државниот правобранител не сакал да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот, зашто истиот е криминален. Заев знае дека тоа што го прави е нелегално и дека за тоа ќе има одговорност. Затоа ги тера пратениците со закон да му го легализираат криминалот – рече Стојановска на прес-конференција.
Таа додава дека „никаде во светот и во правната наука не е видено спор да се решава со закон и дека тоа е работа на судовите и медијаторите“.
– Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот, ниту за народните пари. Важен му е само неговиот интерес. Заев го решава случајот преку Собрание, со закон, затоа што така мисли дека ќе се заштити од подоцнежна одговорност. Тоа што седницата траеше до 8 часот изутрина говори колку власта прави криминал. И тоа, за криминал ги користи институциите. Наместо Собранието да расправа зошто нема вакцини, зошто бизниси се затвораат, зошто луѓе остануваат без работа, за загадениот воздух, Собранието расправа за законот на Заев со кој подарува 33 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да има за олигарсите, а да нема за народот.
Тоа што не им успеа во текот на изминатото деноноќие, ќе се обидат да го направат повторно, но ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде тука и ќе се спротивстави на расфрлањето со народни пари – изјави Стојановска по ноќешната седница на Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот