Стихови исполнети со епска сила носи поетската збирка „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска

Неодамна, во издание на издавачката куќа ВИГ „Зеница“, излезе од печат најновата поетска збирка „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска. Книгата содржи 85 песни поделени во 10 циклуси.

Рецензент на изданието е Ферид Мухиќ, кој меѓу другото пишува: „Секоја од овие осумдесетина песни е испеана суверено, ерудитски поткрепено, преточена со високо мајсторство во лирски префинети стихови исполнети со епска сила. Таа моќна, витална енергија претставува непосреден ефект на начинот на кој Сузана В. Спасовска поетски ја толкува величественоста на Љубовта, Копнежот и Смртта, како најзначајни феномени и клучни координати на човечкиот живот.

Наместо рутинската патетика со која толку често се версифицира Смртта, во песните од оваа исклучително значајна збирка, одѕвонува сонорниот пев на човекот херојски соочен со свеста за сопствената финалност; наместо да биде прикажана со ноторно озлогласената млака сентименталност и трогателната патетика, Љубовта е потврдена со печатот на својата кралска благородност и дигнитет, со сета онаа зашеметувачка магичност достапна само на висококултивираните духови.“

Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од културата на Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот