Стерјовски побара повеќе средства од Владата за да се формира редакција на македонски јазик во Албанија

Васил Стерјовски/Фото: МИА

 На денешната пленарна седница на парламентот на Албанија, пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски побара од Владата финансиски да ја подржи државната телевизија, со цел да се формираат редакции на малцинствата, вклучувајќи ја и редакцијата на македонски јазик.

Потсети дека според Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија од пред речиси четири години, албанската државна радио-телевизија на втората програма (РТШ2) почна со емитување вести и програми на повеќе малцински јазици.

-Малцинствата го поздравија овој чин гледајќи во него не само како исполнет услов на нашата земја во рамките на европската интеграција и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија, туку и како неопходна потреба за одржување во живот на традицијата и културата на малцинствата, како и за зачувување на нивниот идентитет, рече Стерјовски.

Додаде дека поради недостиг на финансиски средства, сè уште има недостатоци во времетраењето и содржината на емитуваните програми кои не одговараат на реалните потреби и проблеми на малцинствата.

-Бараме од Владата финансиски да ја поддржи албанската радио-телевизија со цел да создадат редакции што ќе им припаѓаат само на новинарите од малцинствата. Тука ќе имаат можност да бидат креатори на програми, прилози, репортажи и информативни емисии за малцинството што тие го претставуваат и да се ангажираат дописници од областите каде што, главно, живеат малцинства, кои ќе обработуваат разни теми, а ќе се обезбеди и навремено и изворно информирање, посочи Стерјовски.

Првпат емисии на јазиците на малцинствата, вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик, почнаа да се емитуваат кон крајот на септември 2017 година.

Емисијата на македонски јазик се емитува секој ден, од понеделник до петок, од 20.30 до 21 часот. Од полчасовниот термин, 5 до 7 минути се отстапуваат за емисијата вести, а во останатите минути се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи. За реализација на емисијата хонорарно се ангажирани две лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот