Стефан Богоев / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Стефан Богоев започнува сопствен бизнис, ќе продава совети

Поранешниот градоначалник на Карпош и поранешен директор на Царинската управа, Стефан Богоев, реши да ја започне својата прва самостојна бизнис-авантура. Откако повеќе од една деценија беше дел од јавниот сектор и политиката, Богоев сега се врти кон приватниот сектор, следејќи го примерот на своите поранешни колеги кои веќе се претприемачи.

Минатата недела тој ја основа компанијата „Лукас Смарт Солушнс“, со дејност „советување во врска со работењето и останато управување“. Како што вели, ќе нуди консултантски услуги за правни и физички лица, пренесе „Фактор“.

„Веќе ме бараат многу лица и очекуваат да им помогнам во управни спорови и други слични проблеми. Ја познавам легислативата како поранешен пратеник, урбанизмот и локалната самоуправа знам како функционираат како поранешен градоначалник, а една година бев и директор на Царината – предизвиците таму можеш да ги разбереш само ако си бил директно вклучен“, изјави Богоев.

Тој потсетува дека зад себе има долга партиска и јавна кариера – бил претседател на Социјалдемократската младина, потпретседател на СДСМ и директор на Центарот за истражување и анализа на партијата.

На 36 години, Богоев останува еден од најмладите функционери што се пробале на повеќе државни позиции.

„Во моментов немам работно место, мојата професија ќе биде консултант. Можеби некој ќе каже дека сум можел да останам некаде ‘сокриен’ на државна сметка, но тоа не би го дозволил. Сакам да продолжам со лични иницијативи“, додава тој.

Неговата последна функција, директор на Царинската управа, ја заврши пред 15 месеци. Во меѓувреме, не добивал апанажа, иако смета дека има право на неа, па поради тоа поднел жалба.

Богоев се придружува на низата поранешни функционери кои по промената на власта решија да започнат сопствен бизнис – меѓу нив се и Миле Зечевиќ, Драги Рашковски, Филип Деспотовски и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот