Статуата на Давид на Микеланџело прогласена за порнографија! Ја покажале на час по историја, а потоа настанал хаос…

Фото: Профимедиа/ LinkedIn

Директорката на едно училиште во Талахаси, Флорида, била принудена да поднесе оставка откако родителите се пожалиле на часовите по историја на уметност, тврдејќи дека скулптурата на Давид на Микеланџело – една од најпознатите скулптури во светот – е порнографска, пишува „Дејли мејл“.

Хоуп Караскила била принудена да замине од Класичното училиште во Талахаси бидејќи тројца родители се жалеле на наставната програма.

Двајца родители рекле дека не биле свесни дека на децата ќе им покажат слики од скулптурата, а третиот родител најпознатата статуа во светот ја прогласил за „порнографија“.

Тие рекле и дека сликите „многу ги вознемириле нивните деца“.

Директорката Караскила изјавила за „Демократот Талахаси“ дека длабоко ја растажило тоа што нејзиниот краток ангажман во училиштето завршил толку нагло. Имено, Караскила на таа функција била поставена само една година претходно.

Инцидентот претставува уште една точка на спор во сè пожестоката дебата за наставната програма во американските училишта. Од една страна, државните училишта во демократските градови се на удар на критики поради туркање на либералните наставни планови и програми без согласност од родителите и заговарање прогресивни промени во политиката кога станува збор за трансродовите деца.

Во случајот со Класичното училиште во Талахаси, неколку родители кои, очигледно, лесно се навредуваат, изнудиле оставка на искусната директорка.

Скулптурата на Давид била меѓу уметничките дела кои се изучуваат на час по ренесансна уметност за ученици од 11 и 12 години.

Ремек-делото е создадено помеѓу 1501 и 1504 година и се смета за најзначајната скулптура во светот.

Но, родителите од Талахаси го сметале тоа дело за несоодветно бидејќи Давид е – гол.

Тие сега бараат сите теми или лекции кои би можеле да се сметаат за „контроверзни“ однапред да им се дадат на гласање.

„Родителските права се највисоко рангирани, а тоа значи заштита на интересите на сите родители, без разлика дали има еден, 10, 20 или 50“, рекол претседателот на училишниот одбор Барни Бишоп.

Тој признал дека ѝ дал ултиматум на Караскила, велејќи ѝ дека или мора да поднесе оставка или ќе добие отказ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот