Стари фотографии од Јонче Поп Стефанија ќе бидат изложени во Охрид

Покана за изложбата

Ретка можност да се видат фотографии од Охрид, снимени во период од 1940 до 1945 година, од фотографот Јонче Поп Стефанија (1915, Охрид – 1983, Охрид) претставува изложбата на стари фотографии насловена „Охрид 1940 – 45“.

Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. Автор на изложбата е Роберт Јанкулоски, универзитетски професор и директор на Македонскиот центар за фотографија.

Отворањето на изложбата е на 11 јули (вторник), во 20 часот, во НУЦ „Куќа на Уранија“ – МАНУ во Охрид, а истата ќе биде поставена до 19 јули 2023 година.

Изложбата го опфаќа периодот на Втората светска војна, како и времето пред започнувањето на војната, а дел од фотографиите се снимени веднаш по ослободувањето на Охрид. На фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на Охриѓани.

Изложбата содржи фотографии на луѓе преку кои може да се реконструира животот во Охрид

Ова претставува само мал дел од фотографското наследство на Јонче Поп Стефанија, кој со фотографија професионално се занимавал од 1936 година, а во 1944 година го откупил фотографскиот дуќан на Мирослав Бељан, со кого и претходно соработувале. Постои можност дека некоја од изложените фотографии е снимена и од фотографот Бељан.

Јонче Поп Стефанија потекнува од фотографско семејство. Неговиот вујко Ставре Попоски е еден од првите фотографи во Македонија кој се стекнал со право за професионално занимавање со фотографија. Исто така, и постариот брат на Јонче, Благоја Поп Стефанија, бил познат фотограф во Охрид пред Втората светска војна.

Дел од фотографиите се снимени веднаш по ослободувањето на Охрид

– Иако фотографијата му била основна егзистенција, меѓу многубројните сочувани негативи, исполнети со безизразни ликови снимени за лични документи, среќаваме фотографии на луѓе преку кои може да го реконструираме животот во Охрид во тој период, како и фотографии со мотиви од Охридското езеро, градот или пејзажи од околината. За неговото размислување и креативниот однос кон фотографијата зборува и фактот што во 1942 година, заедно со Ристо Паунчески, организираат изложба на фотографии што била поставена во просториите на хотелот „Белви“ во Охрид, а истата поставка била презентирана и пред публиката во Пловдив (Бугарија) – објаснуваат од Македонскиот центар за фотографија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот