Старата ревизија за бонусите на СЈО – ново оружје против Ленче Ристоска
Оркестрираните напади и воскреснувањето на бонусите на поранешното Специјално јавно обвинителство пред изборот на Републички јавен обвинител станаа ново оружје против Ленче Ристоска која донесе одлука да биде замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, ја тужи владејачката партија и одлучи да влезе во трка за обвинителското столче.
Препорачано
Ваквите сомнежи се наметнаа по јавниот настап на обвинителката Лејла Кадриу која излезе со брутални обвинувања против поранешни обвинители на поранешното СЈО кои потоа станаа дел од партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, на поранешниот премиер Никола Груевски. Ристоска која денеска дојде на рочиштето за „Талир 2“ во кој обвинета е владејачката партија, вели дека тоа што нејзините изјави се користат за напади врз нејзе ѝ дава тежина на нејзината кандидатура и покажува дека токму таа е вистинскиот избор за државен јавен обвинител.
Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски
Изјавите на Кадриу ги споделуваат обвинети, амнестирани….
-Сите тие обвинувања се лаги, лесно може да се докаже колку пари биле потрошени во 2015 дека записник постоел, а и за дел од работите кои ги зборуваше адвокатката не ни била присутна во тој временски период. Притоа сакам да потенцирам дека се работи за личност односно за поранешен јавен обвинител кој Советот на јавни обвинители го разрешил поради сторена тешка дисциплинска повреда заради непрофесионално постапување во предмет кој нема врска со СЈО. Е сега ако видите дека сите нејзини изјави се преземани и масовно споделувани од лица, дел од нив обвинети, дел од нив осомничени, дел од нив амнестирани, суспендирани и тоа неповрзани со СЈО, освен еве поранешниот премиер Груевски, тогаш може да се види профилот на лица кои ги користат изјавите кои доаѓаат од Кадриу. Во дел од нападите на Кадриу беа изнесени и лични навреди кон мене. Јас само сакам да кажам дека јас не изигрувам жртва, јас сум борец против криминал и корупција и за мене е логично како еден профил на лица се чувствуваат засегнати од мојата детерминираност во ваквата борба – вели Ристоска.
Ревизијата која што се вршела тогашното Специјално јавно обвинителство, за Ристоска уште од самиот старт била симптоматична бидејќи Државниот завод за ревизија бил единствен орган што нашол било какви забелешки за исплатата на надоместоците.
-Затоа ми се постави прашањето дека можеби постои некој друг контекст кој не ни бил познат и не сме го разгледувале ова пред се пред се и од причина што еве моментално министерството за финансии не ги одобрува барањата за исплата на додатоци во моментов на обвинителите и судиите во државата што значи дека министерството за финансии во цел овој период имало можност вака да делува и да ја спречи исплатата на надоместоците доколку било спорно. Така што мислам дека е редно време да се затвори ова прашање пред се од аспект имаше и одлука на обвинителството за организиран криминал – додава Ристоска.
Бонусите беа законски
Таа не го коментира тоа што двете поранешните ревизорки кои потоа станаа членки на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска и Цвета Ристовска, но едната заврши со обвинение, а другата со оставка од функцијата, ставиле потпис на ревизорскиот извештај за СЈО, но вели дека имало законска основа за бонусите.
-Јас тоа не би можела да го коментирам и неблагодарно е да го коментирам, тоа е прашање што треба да биде упатено на друга адреса. Јас можам да кажам дека законски основ за да ги земаме бонусите постоеше и не гледам ништо спорно на тоа – вели Ристоска.
Освен Ристоска, реакции за тврдењата на Кадриу имаа и обвинителите Гаврил Бубевски и Елизабета Јосифовска кои најавија тужби за клевета, но Кадриу одлучи да не се извини.
-Не гледам основ за извинување кога сум изнела факти хронолошки и професионално, но ако за нив вистината е навреда, тоа е веќе нивен проблем, не мој – објави Кадриу на својот фејсбук- профил. Па така се поизвесно е дека поранешните обвинители ќе се соочат со Кадриу на суд, а дел од нив најавија и претставки до адвокатската комора.
Седиштето е уште замрзнато
Инаку, предметите „Талир“, во кои е обвинета владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ги застапува Ристоска и републичкото обвинителство се уште не донело одлука на барањето на одбраната и доставеното мислење од обвинителката за нејзино изземање од предметот „Талир 1“.
На денешното рочиште адвокатот на Груевски по службена должност, ги изведуваше доказите, а сега Кривичниот совет на Основниот кривичен суд треба да донесе одлука за времените мерки на партијата откако обвинителката дозволи објектите да се издаваат под кирија. Иако судијката го прифати барањето, Апелација смета дека за тоа требало да одлучува Кривичниот совет иако се прогласил за ненадлежен. Партиските седишта на ВМРО-ДПМНЕ остануваат замрзнати.
Советот на јавни обвинители ќе ги оценува петте кандидатури за државен јавен обвинител. Тие треба да дадат позитивно или негативно мислење за кандидатите, меѓу кои се Ристоска, обвинителката Лидија Раичевиќ, В.Д. обвинителката Анита Тополова – Исајловска, судијата Ненад Савески и разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичен, Владимир Панчевски.


