Станови за 52 социјални семејства од Гевгелија

Фото: МИА

Педесет и две социјални семејства ќе добијат стан во новоизградената зграда во Гевгелија. Становите се со површина од 35 до 49 метри квадратни.

Јавниот повик ќе биде објавен утре, а може да аплицираат неколку категории на граѓани. Првата категорија се деца над 18 години без родители или родителска грижа, втората категорија се корисници на гарантирана минимална помош, третата категорија лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојани живеалишта, потоа лица со попреченост и семејства со лица на попреченост, припадници на ромската заедница социјално загрозени, како и самохрани родители со малолетни деца.

Јавнниот повик се однесува само на ранливите категории на граѓани кои се жители на Гевгелија и кои не поседуваат друг стан. Огласот ќе трае до 20 март и ќе биде објавен на веб страницата на Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска од Гевгелија ги повика сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат до Центарот за социјални работи во Гевгелија.

За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи од Гевгелија ќе ја обезбеди потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас. Секој еден граѓанин заслужува топол дом и похумани услови за живот, затоа мораме да се избориме и да помогнеме на сите на коишто тоа им е потребно во овој период, изјави Бочварски.

Фото: МИА

Посочи дека изминатата година била успешна во делот на изградбата и распределбата на социјалните станбени згради и дека е извршена прелеминарна распределба на неколку социјални станбени згради во Гостивар, Пробиштип, Виница и Свети Николе.

Изградбата на социјалната зграда почна на 14 октомври 2020 година, а завршена е согласно договорот за градење. За неа се инвестирани приближно 102 милиони денари.

Се надеваме на уште поголема динамика и грижата од нашата страна не престанува. Во иднина ќе бидат згрижени семејства и во други општини. Во изградба се станови во Скопје Бутел, Дебар, Кочани, Велес и Скопје – Сарај. Планирани за идна градба се згради во Пехчево. Прилеп и Штип, најави директорот на АД за станбен и деловен простор Зоран Ѓоргијев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот