ССМ застана зад отпуштените работници од „Комунална хигиена“, трудовиот инспекторат ги чека претставките од синдикатот

Отказ за 27 вработени во Комунална хигиена/Фото: Фејсбук

Најголемиот синдикат во државава Сојузот на Синдикати цврсто застанува зад работниците од ЈП Комунална хигиена кои добија отказни решенија меѓу кои се и претседателот на синдикалната организација и неговите соработници по протестот на вработените поради кој во главниот град четири дена не се собираше ѓубрето.

-Срамно е тоа што се случува во Комунална Хигиена -Скопје. ССМ како заштитник на работничките права односно гранковиот синдикат СУТКОЗ веќе презема акција за заштита на работниците на кои незаконски им е прекинат работниот однос. Ги собираме пријавите од овие вработени и тие ќе добијат бесплатна правна помош од Синдикатот и претставките ќе ги доставивме до Државниот инспекторат за труд, вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во изјава за „Слободен печат“.

Синдикалците остро реагираат на вчерашната прес конференција на директорката на ЈП КХС Косана Мазнева Николиќ и на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, осудувајќи нивните постапки.

-Нема да дозволиме вработените да бидат етикетирани и не може менаџментот да создава ред со полициски служби и специјалци. Ако имало злоупотреби тоа треба да го констатираат со одредена постапка и процесот да се одвива законски. Вака, незаконски се откажуваат договори за работа. Тоа е нечовечки и со сила. Најавија постапки против 200 души. Тоа се притисоци кои ги трпат вработените од страна на менаџментот на претпријатието, вели Трендафилов кој најави и друга синдикална акција за заштита на вработените во „Комунална хигиена“.

Директорката Косана Мазнева и градоначалничката Арсовска вчера зборуваа и за кривични пријави против вработени кои се воделе како да работат трета смена, а не се појавувале на работа. Арсовска дури и посочи дека имало вработени кои 5 години, како што рече „седат во Германија и Швајцарија, трајно се иселени, а земаат плата“.

-Возат камиони во Германија и земаат плата, зема џепарлак од тоа што е пријавен во некое јавно претпријатие, рече Арсовска и беше децидна дека нема да дозволи „мафијаши да ја уценуваат“ па за истражување на овие случаи го повика МВР и Обвинителството.

Министерот Оливер Спасовски ги коментираше овие наводи при денешната посета на кампот за обука Идризово, и рече дека ќе бара одговорност доколку имало недоследности во работењето, ако се давале плати на лица кои не доаѓале на работа.

-Тука нема да имаме отстапка и нема да има никогаш за ниту една ситуација отстапка, а мислам дека ова треба да биде санкционирано за, конечно, да се стави крај на политикантство и на игри коишто се случуваат на грбот на граѓаните, а овде е на грбот на здравјето на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи.

Од друга стана синдикатот останува на ставот дека протестот во КХС не е без основа и дека вработените само барале покачување на платата, исплата на регрес за годишен одмор и други бенефиции според Законот и Колективните договори и се револтирани од менаџментот кој врши пристисоци врз нив и отпушта колеги. Синоќа наместо да ја почнат третата смена, 27 вработени се нашле на списокот на отпуштени, а претходно уште 10 нивни колеги останаа без работа.

На списокот се неколку вработени со презиме Дарлишта, сите со функција „главен на блок“, посочени од Арсовска и Мазнева како припадници од исти семејства кои работеле „до шесто колено“ во јавното комунално претпријатие, неколку возачи, собирачи на отпад, метач, магационер и еден шеф на смена. Отпуштените тврдат дека не им се дадени отказни решенија, што пак е прекршување на одредбите од Законот за работни односи кој предвидува уредна достава на решение за прекин на работен однос.

Ќе постапува и Државниот инспекторат за труд

До Државниот инспекторат за труд досега не е пристигната ниту една пријава за повреда на работничките права, дури и за прекинатиот работен однос на претседателот на синдикалната организација во КХС и неговите соработници.

-Синдикатот веројатно ги прибира пријавите од работниците па ќе достави до нас за што добивме и најава и потоа ние веднаш ќе постапиме за да утврдиме што е наведено како основ за прекин на работниот однос. Ме чуди што досега немаме ниту една претставка. Јавното претпријатие си има свои механизми, преку увид во евиденцијата за присуство на работникот, електронска или пишана, да утврди дали некој доаѓа на работа или не. Доколку се утврди дека некој не доаѓал на работа, а земал плата, тоа е злоупотреба и основ за кривична пријава, вели Весна Томовска, директорка на Државниот инспекторат за труд за „Слободен печат“.

До ДИТ од почетокот на годинава досега биле поднесени 3 претставки од вработени по кои е извршен инспекциски надзор. По две од нив, Инспекторатот изрекол и глоби за јавното претпријатие поради неисплатен регрес и новогодишен надомест за двајца работници, а во третиот случај кој се однесувал на користење на слободни денови не е утрдено прекршување.

Кривични пријави од МВР и Обвинителството

Засега е извесна една кривична пријава која МВР ја достави до јавното обвинителство за еден вработен во Комунална хигиена кој нападна неколку свои колеги кои работеле во реонот Гази Баба.

Министерот Оливер Спасовски не ја исклучи можноста и други лица да заработат кривични пријави за попречениот работен процес во јавното комунално претпријатие поради што градот потоа во смет и смрдеа и беше пред сериозна еколошка катастрофа.

-Денеска ќе биде доставен записникот од Инспекторатот за заштита на животната средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Градот Скопје за да се видат нивните наоди. МВР е  во постојана координација  со обвинителот и доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители коишто придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите коишто ќе бидат прибрани, рече Спасовски.

Индициите за злоупотребите во „Комунална хигиена“ веќе се во јавното обвинителство, од каде нагласуваат дека ги поттикнуваат институциите надлежни за откривање на кривични дела да извршат проверки и да достават соодветни поднесоци за сите  кривични дела што притоа ќе ги откријат.

Од таму за „Слободен печат“ кратко соопштија дека Обвинителството, согласно своите законски надлежности, ќе постапи по сите поднесени кривични пријави. “По сите веќе поднесени пријави обвинителството постапува и ги проверува наводите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот