Средба со Ване Костуранов: Во светот на книгите се чувствувам како дома

Низ разговор со „Културен печат“, популарниот сликар и илустратор Ване Костуранов откри повеќе за книгите што ги илустрира, како и за новите изданија.

Неговите бајковити илустрации ги среќаваме насекаде. Сликарот, илустратор и автор Ване Костуранов е многу популарен кај ликовната јавност, а активен е и на социјалните мрежи, каде што редовно ги објавува своите нови проекти на голема радост на публиката. Костуранов открива дека периодов работи и на слики, со идеја наскоро од нив да произлезе изложба.

Ликовниот израз на Костуранов е близок до детската наива и симболика, и изгледа дека детските книги совршено кореспондираат со него. Во тој контекст, авторот ни го долови ликовниот свет во кој живее, и ни одговори на прашањето дали тој ги наоѓа книгите или тие го наоѓаат него.

Илустрација од книгата „Девојчето и градот“

– Мојот ликовен израз секогаш бил близок до наивата и детскиот израз, но никогаш не помислував дека еден ден ќе влезам во светот на илустрациите и книгите за деца. Книгите, на некој начин, ме најдоа мене преку моите деца, кои уживаа да им читаме уште од најмала возраст. Уживав и јас читајќи им, па дур да трепнам, се најдов во светот на книгите и можам да кажам дека таму се чувствувам како дома. Последните 3-4 години поголем дел од времето го поминував илустрирајќи неколку мои текстови, како и текстови од други автори – македонски и од регионот – вели Костуранов.

Костуранов е роден во 1979 година во Струмица. Автор е на многу сликовници, меѓу кои се и популарните „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“, добитници на први награди за најдобро ликовно-графички уредено издание на Саемот на книгата во Скопје во 2018 и 2019 година.

– Сликарството е мојата прва љубов, во која се чувствувам најслободен. Најчесто работам во техниката акрил на платно, а иако куќичките ми се најчест мотив и фасцинација, на моите платна неретко може да се најдат и луѓе, кај кои најчесто преовладува емоцијата – објаснува овој уметник.

Илустрациите на Костуранов се добро познати и надвор од државава, а освен изложби, работи и на работилници и тренинзи. Во тој контекст, го прашавме како се случуваат ваквите проекти.

– Имав среќа моите сликовници многу брзо да бидат препознаени и надвор од границите на нашата држава и радосен сум што многу деца, во најразлични делови од светот, имаат можност да растат со моите приказни и илустрации. Досега се преведени на српски, хрватски, корејски, а наскоро ќе бидат преведени и на словенечки, германски, турски и португалски јазик – истакна Костуранов, додавајќи:

– Едно од поубавите искуства од минатата година беше моето учество на фестивалот „Пази, Книга!“, во Загреб. Бев поканет како почесен илустратор на фестивалот и во неговиот склоп бев претставен пред загрепската јавност со самостојни изложби на три различни локации во Загреб, на кои можеше да се види целиот мој илустраторски опус.

Новата сликовница на Ване Костуранов е со наслов „Рекичето што сакаше да порасне“

За крај, Костуранов ни откри повеќе за најновите проекти на кои работи периодов.

– Деновиве од печат треба да излезе новата сликовница што ја работев по текст на Ана Торма, писателка и агент за сликовници за деца од Србија, која живее во Шпанија. Оваа сликовница со наслов „Рекичето што сакаше да порасне“ првично ќе биде објавена на македонски јазик, во издание на „Арс Ламина“. Веќе подолго време работам и на слики, па веројатно е време и за нова изложба, која се надевам дека ќе се случи годинава – заклучува авторот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 119, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот