Средба Франкојанис – Онал во Атина: Позитивен напредок во разговорите меѓу Турција и Грција

Средба Костас Франкојанис и Седат Онал во Атина/ Фото МИА.мк

Напредокот во конкретни теми од т.н. позитивна агенда меѓу Грција и Турција, трговските и бизнис односите, перспективите за соработка во транспортот и телекомуникациите, како и зајакнување на соработката во справувањето со предизвиците поврзани со животната средина, биле дел од темите кои ги разгледале заменик- шефовите на грчката и турската дипломатија, Костас Франкојанис и Седат Онал.

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека денешната работна средба на Франкојанис и Онал во Атина е „во рамките на иницијативата за позитивната агенда во дијалогот со Турција во економскиот и трговскиот сектор”.

-Двете страни изразија задоволство за напредокот постигнат во конкретни прашања, особено во почетокот на преговорите за потпишување Меморандум за соработка меѓу „Enterprise Greece” и соодветната турска организација „Invest in Turkey”, во взаемното признавање на сертификатите за вакцинација против Ковид-19, за напредокот на Мешовитиот комитет за туризам, како и за повторното активирање на Мешовитиот економски комитет, соопштија од грчкото МНР.

Ова е трета средба на Франкојанис и Онал во рамките на иницијативата за позитивната агенда, договорена меѓу министрите за надворешни работи на Грција и Турција, Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу, во април 2021 година.

Неповрзано со денешната средба, утре, во Атина ќе се држи новиот, 64-ти круг од прелиминарните контакти меѓу Грција и Турција.

Прелиминарните контакти беа активирани лани по пауза од речиси пет години, а изминатата година се одржаа три круга, два во Турција и еден во Грција, а последниот беше на 6 октомври во Анкара.

Станува збор за неформални контакти, а не за преговори, нема обврзувања меѓу двете страни, нема договорен записник, не присуствува трета страна и нема информирање за содржината на разговорите, додека пак целта е доколку има поклопување на ставовите во иднина евентуално да се одржат преговори

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот