Спречени повеќе од 10.000 мигранти илегално да ја минат Македонија

фото: Слободен печат/ Борче Поповски

Зголемен е бројот на обидите за илегално преминување на јужната македонска граница и тоа двојно повеќе од лани, како и бројот на откриени обиди за криумчарење мигранти. Од Министерството за внатрешни работи велат дека од јануари до јуни 2019 година на границата со Грција се спречени 10.017 обиди за нелегално преминување.

– Овие обиди се зголемени за два пати во однос на периодот од јануари до јуни 2018 година, кога беа спречени 4.795 обиди за илегално преминување – велат од МВР за „Слободен печат“.

И покрај ангажманот на полицијата и на војската во чувањето на јужната границата, сепак голем број мигранти успеваат да влезат во Македонија, за што сведочат бројките на спречени обиди за криумчарење мигранти.

– Од јануари до јуни оваа година се откриени 33 случаи во обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти. Мерки на прогон се преземени против 44 лица за сторени 24 дела „криумчарење мигранти“ – велат од МВР.

Според нивните статистики бројот на спречени обиди за криумчарење мигранти е зголемен за 42 отсто во однос на истиот период лани, кога се сторени 15 вакви кривични дела во кои 22 лица се обиделе да прокриумчарат 306 мигранти.

Се наметнува и прашањето колку обиди за криумчарење не се спречени и колку мигранти успеале да ја преминат Македонија на пат кон западноевропските земји, особено што некои од бегалците и криумчарењата се откриени случајно, откако возачите направиле сообраќајна несреќа или мигрантите биле ограбени на наша територија.
Основното јавно обвинителство пред шест дена информираше дека 33 мигранти се повредени во сообраќајна несреќа во Гевгелиско, а возило со 18 мигранти се удрило во друго возило кај Катланово.

– Во местото Пржедски споменик, меѓу Демир Капија и Прилеп се преврте комбе „мерцедес“ со скопска регистрација, сопственост на лице од Арачиново, во кое биле превезувани мигранти. Движејќи се на автопатот од Гевгелија кон Скопје возачот, 24-годишен велешанец забележал дека е следен од полициски службеници. Во обид да побегне, тој се префрлил на совозачкото седиште, ја отворил вратата и скокнал на автопатот додека возилото се движело. По инерција комбето продолжило да се движи следните 40 метри, а потоа се превртило и паднало во провалија длабока 14 метри. Во несреќата се повредени сите 33 патници мигранти, меѓу кои неколкумина се малолетници и се пренесени во болниците во Неготино и Кавадарци. Возачот откако скокнал паднал во провалија и добил тешки повреди и поради сериозноста е пренесен на скопските клиники – се вели во соопштението од ЈО од 19 јули.
Истиот ден обвинителството објави детаљи за друга слична случка. Осомничениот превезувал 18 илегални мигранти меѓу кои четири деца во автомобил „крајслер“ од Велес кон Скопје и во близина на мостот на Пчиња не застанал на светлосните и звучните сигнали од полициски службеници. Тој продолжил да бега прво кон патарината кај Петровец со голема брзина, потоа свртел по регионалниот пат кон Катланово, каде пред влезот во селото удрил во друго возило што доаѓало од спротивната насока. Овој осомничен е во 30-дневен притвор.

Пред две недели ОЈО информираше и дека поднело обвинение против две лица кои на 28 јуни во селото Трубарево нападнале и ограбиле двајца мигранти од Пакистан, кои претходно ги забележале и им понудиле да ги превезат до граничниот премин Табановце за 200 евра. Наместо тоа ги натепале и им одзеле пари и предмети во вредност од 75.000 денари.

Војската ќе ја чува границата до крајот на 2019 година

Минатиот месец Собранието на предлог на Владата ја продолжи кризната состојба на подрачјата на јужната и северната граница до крајот на оваа година, затоа што годинава е можно да се обидат да преминат голем број на мигранти од Грција и од Турција. Со таа одлука војската продолжи да и дава поддршка на полицијата при справувањето со мигрантската криза на границите. Според информациите и проценките на надлежните, освен од Грција и од Турција, каде има голем број мигранти, во последно време повеќе мигранти се појавуваат од Авганистан, Пакистан и од африканските држави.

Кризната состојба на северната и јужната граница заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти беше воведена во август 2015 година.

Многу поминале, малку побарале азил

Во екот на мигрантската криза во 2015 и 2016 година преку територијата на Македонија поминаа над милион мигранти од воените и кризните подрачја во Африка и Блискиот Исток, упатени кон западноевропските земји. Државата има регистрирано 400.000 мигранти кои транзитирале низ неа. Балканската рута беше затворена во 2016 година и оттогаш е намален приливот на бегалци и мигранти, а мал е и бројот на баратели на азил кои остануваат во Македонија.

Во 2018 година во Секторот за азил во МВР се примени барања за признавање на правото на азил за 299 лица, од кои најмногу се од Пакистан – 89 лица, од Ирак 73, од Авганистан 46, од Иран 19, од Бангладеш 12, од Сирија 11, од Турција 10, а од Индија 8.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот