Според Маричиќ неправедно сме во чекалната на ЕУ и треба да продолжиме напред како што одат напред Украина, Грузија и Молдавија

ЕУ инфо центар во Скопје / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Сметаме дека секоја држава треба да биде ценета поединечно. Се радуваме на секој успех на соседите, особено за Албанија, бидејќи тесно соработувавме за време на скринингот и споделувавме информации на дневна основа, така што ние сакаме Албанија да го добие тоа што го сака на наредна меѓувладина конференција, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостување на телевизија Сител.
Тој се надева дека нашата држава и Албанија ќе продолжат да чекорат на патот кон ЕУ, како што тоа го прават Украина, Грузија и Молдавија.

– Најпрво треба да имаме предвид дека состојбата во Украина е специфична. Таму имаме една груба агресија на Русија против Украина и тоа го промени геополитичкиот поглед на земјите членки и на институциите во Брисел. Знам дека звучи неправедно да бидеме толку години во чекалната меѓутоа тоа се ситуации, тоа се институции каде што не се бара само правдата и праведноста, туку се работи на остварување на сопствените интереси. Јас го гледам отварањето на прашањето за членството на Украина како можност за нас. Ние се бориме да се отвори вратата за нови членки и отварањето на вратата на останатите земји членки е добра вест за нас. Вистинска битка е, треба да се избориме ние да бидеме меѓу тие нови членки кога вратата ќе се отвори – рече Маричиќ.

Во врска со извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ вицепремиерот рече дека нема негативни извештаи и не е утврдено назадување.

– Сите наши добри страни и успеси треба да ги пофалиме. Најлошиот извештај го имавме во 2015 и 2016 година кога бевме означени како заробена држава. Ние ги слушаме критиките и од државите членки и од европските институции. Да не беше така немаше да го поканиме холандскиот судија којшто учествува во работната група „Патоказ за владеење на правото“ – рече тој.

Додаде дека дополнително оваа влада побарала од ЕУ оценска мисија за Судскиот совет, а препораките од извештајот што ќе произлезе од оваа мисија ќе биде имплементиран.

– Свесни сме за сите недоследности и несовршености. Наша задача е со опозицијата во Собранието со законски измени да ги надминеме овие прашања – заклучи Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот