Споменувањето на Црвенковски ги раскара старите сопартијци – Циц и Минчев
Изјавата на поранешниот градоначалник на Куманово Зоран Дамјановски – Циц дека поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски не стои зад создавањето на партијата ЗНАМ која сега е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а чиј лидер Максим Димитриевски ќе се бори за трет градоначалнички мандат ги раскара јавно поранешните сопартијци, односно Циц и генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев кој порано исто како и Димитриевски беше член на СДСМ.
Препорачано

-Не е точно дека Црвенковски стои зад ЗНАМ. Таа перцепција е заради Минчев, негов близок пријател кој отиде во ЗНАМ од нему познати лукративни причини. Црвенковски напротив беше против создавање на фракции или правење на партиички од незадоволници кои на матичната партија и прават штета и служат само како мост за привлекување гласачи од македонскиот електорат и му помагаат на политичкиот противник. Црвенковски е доследен социјалдемократ, државник со огромно искуство и штета е според мене што не е во политиката – изјави Дамјановски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Тој смета дека времето на ЗНАМ одминува и типува дека противкандидатот на Максим Димитриевски , социјалдемократот Мартин Костовски има големи шанси да стане новиот градоначалник на Куманово.
– Знаете како Максим од локален политичар со мандат за градоначалник кој го доби од Заев стана одеднаш „државник“. Отиде во некоја колиба на летување во Бугарија го снимија како ја пее таму „Делете ја парчете ја“ и преку ноќ стана патриот, државник и лидер на неговата партија, но времето и него и на партијата му поминува како на секоја помала партија која ќе биде само искористена од политичкиот противник и толку – рече Дамјановски.
Тој откри дека поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев без да му објасни го отфрлил од партијата, не бил и миленик на Шекеринска и Минчев, но смета дека не можат да му ги негираат успесите кои им ги донел на СДСМ. Тој не ја криеше неговата поддршка за кандидатот Костовски.

Минчев пак во јавна реакција која ја пренесува „Плусинфо“ вели дека Дамјановски е последниот кој може било кого да обвинува за лукративни мотиви.
– Нека објасни – од каков зорт во 2009 година го напушти СДСМ и премина во друга партија? Дали тогаш желбата за уште еден градоначалнички мандат му беше посилна од ‘љубовта’ кон СДСМ?“ – реагира Минчев.
Минчев вели дека ќе се воздржи од коментар за тоа дали Циц се нудел на ЗНАМ, „од почит кон едни други времиња“, како што додава.
– Друже Циц, знам дека сè уште не можеш да преболиш што јас бев генерален секретар, а Радмила (Шеќеринска) претседател на СДСМ, кога те исклучивме од партијата поради твоето отсуство на лична храброст да потпишеш исписница! Не го мешај Бранко Црвенковски во јаловите обиди да го направиш Мартин градоначалник на Куманово. Не бива таа работа – и самиот знаеш! Ако можеше ти да бидеш три мандата градоначалник, Максо со целиот свој труд и посветеност сигурно заслужува многу повеќе, затоа што направи повеќе во еден мандат отколку ти во трите мандата заедно! Непристојно е, на твоја зрела возраст, друже Циц, да им правиш ќеиф на Заев и Венко и како некое учениче да ја прифаќаш улогата на носител на негативна кампања против ЗНАМ. Мене ме фаќа срам, а камоли твоите блиски – реагира Минчев.


