Спасовски и Тренчевска/ Фото МВР

Спасовски и Тренчевска на предновогодишна дружба со децата од Јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври“

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” присуствуваа на предновогодишна дружба со децата штитеници на јавните установи „25 Мај“ и „11 Октомври“. Денешниов настан беше замислен како заедничко дружење со припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО) и тоа со припадниците на Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единица за обука и поддршка – посебна единица за поддршка.

Припадниците на Одделот за специјални полициски операции приредија забавни активности за децата во кругот на Полицискиот центар, им ги презентираа полициските возила и опремата со кои секојдневно работат и ги запознаа со нивните дневни активности , а притоа како нивна долгогодишна традиција покажувајќи ја и овојпат својата хуманост на дело ги израдуваа децата со кондиторски производи од нивната маренда со лично издвоени средства . Најголемото воодушевување и радост за децата и присутните беше моментот на слетување на хеликоптерот на Одделот за воздухопловни единици на МВР со кој пристигна Дедо Мраз и се спушти по јаже за да им подели пригодни подароци .

Децата на заеднички ручек имаа прилика да се запознаат и да поразговараат со министерот Спасовски и министерката Тренчевска и по повод новогодишните празници во знак на благодарност им поклонија подароци изработени од нивните вредни раце, а министрите во своите обраќања упатија новогодишни пораки до младите гости.

Министерот Спасовски ги поздрави децата и им посака добредојде во Полицискиот центар, при што ја истакна важноста за раководството на МВР да се покаже и согледа хуманата димензија на полицијата, како крунисување на високото ниво на доверба на граѓаните во полицијата.

„Како Министерство за внатрешни работи ние сме секогаш тука за вас, затоа што само заедно ќе бидеме силни да оствариме едно побезбедно и поубаво место за живеење, и би ви порачал секогаш да го следите патот на чесноста, одговорноста и солидарноста, бидејќи тоа е вистинскиот пат кон реализирање на секаква цел, во оваа пригода ја изразувам нашата максимална поддршка за секој еден од вас”, рече министерот Спасовски посакувајќи им убави празнични мигови и Среќна Нова 2023 година.

Покрај новогодишните подароци, министерот Оливер Спасовски за овој настан веќе традиционално неколку години наназад, лично ги донираше дневниците од службените патувања реализирани изминатава 2022 година и на директорките на Јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври им подари два вредносни ваучери со кои ќе бидат купени два клима уреди за потребите на децата.

Од страна на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, беше истакнато дека и денешното предновогодишно дружење е во насока на тоа да се потврди дека никој не е сам и дека Владата и како институции, се тука за сите граѓани.

„Како министерство во чија надлежност е грижата за ранливите категории на граѓани во континуитет посветено работиме на политики и мерки кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на сите. Децата и грижата за обезбедување на топол дом за сите, и услови за нивни правилен раст и развој е наш приоритет и сериозна обврска на која неуморно работиме”, истакна министерката Тренчевска, при што потсети дека промените со социјалната реформа и процесот на деинституционализација вродија со плод, со тоа што ниту едно дете не остана во институција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот