Спасовски: Директорката од училиштето во Петровец вчера го добила мејлот со закана, но денеска пријави па проверивме

ООУ Кочо Рацин во Петровец/Фото: Фејсбук

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на дојавите за бомби во училиштата кои од вчера повторно се актуелни, вели дека приоритет треба и се даде на истрагата, но дека ќе треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба.

– Овде во Скопје, според информациите коишто ги имаме, само едно од средните училишта има свое обезбедување и таму не се појави никогаш пријава дека има лажна дојава за бомба. Нормално е дека приоритет и се дава на истрагата и веднаш после завршување на вештачењето ќе има реализација во овој дел. Прашањето е дали овие хибридни закани одат од еден центар или од повеќе центри. Веќе многу е распространето не само кај нас, туку и во соседството. Сега имаше дојави и во други држави на ЕУ и сето тоа се зголеми после руската инвазија на Украина, изјави Спасовски, посочувајќи дека има осомничени.

Во однос на денешните дојави за бомби, рече дека во тек е проверката за Крива Паланка, а за дојавата за бомба во основно училиште во Петровец, појасни дека се работи за вчерашна дојава стигната на меил на директорката на училиштето.

– Директорката вчера воопшто не го видела мејлот и не го пријавила, дури денеска го видела и пријавила. Бидејќи имаме повеќе училишта со име „Кочо Рацин” моравме да извршиме проверка кај сите нив. Во тек е проверката и за Крива Паланка, рече Спасовски.

Тој повтори дека дојавите доаѓаат најчесто од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка. Спасовски вели дека е извршена комуникација со партнерските организации и дека преку меѓународна правна помош ќе мора да се обезбедат потребните информации и податоци.

– Покренавме и една постапка во Комитетот за борба против тероризмот затоа што такви дебати веќе се водат и во развиените земји. Мора да го измениме протоколот во којшто ќе се цени реалноста и објективноста во однос на постапувањето, меѓутоа сега таков е протоколот и мораме така да постапуваме, рече Спасовски.

Видео на денот