Спасовски: 124 лица се без матичен број, запишани се во Посебната матична книга на родени

Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска реферираше пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците за примената на законските одредби на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени. Надзорната расправа во комисијата е свикана по иницијатива на пратеничката Љатифе Шиковска и се базира на статистичкиот податок дека во државава постојат околу 700 неевидентирани лица, најголем дел од ромската заедница и сомневањата дека не се спроведува доследно и ефикасно Законот за неевидентирани лица во матичната книгата на родени.

На почетокот од своето излагање министерот Спасовски напомена дека лице неевидентирано во матичната книга на родените е лице кое живее или е родено на територија на Република Северна Македонија, но не е запишано во матичната книга на родени и нема својство на странец со регулиран престој.

-Токму поради тоа, не му се определува матичен број, а наместо тоа му се определува евиденционен број и за овие лица МВР издава идентификациона исправа, која овозможува тие да не бидат општествено исклучени, односно да имаат пристап до јавни услуги од образовната, здравствената, социјалната, трудовата и други области и не можеа да ги остварат нивните права на образование, здравствена и социјална заштита, вработување и други човекови права, рече Спасовски и додаде дека одредбите од членот 10 од законот ги пропишуваат обврските на МВР како институција.

Министерството за внатрешни работи постапува врз основа на барање на лицето запишано во Посебната матична книга на родени, која се води во Управата за водење на матичните книги и доставен Извод од посебната матична книга на родени, при што издава Идентификациона исправа, најдоцна во рок од 15 дена од денот на доставувањето на барањето од страна на граѓанинот. Таа го содржи Евиденциониот број кој го определува Управата за водење на матичните книги, кој го има истото значење како матичниот број на граѓанинот, при остварување на правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително осигурување, согласно со овој закон, појасни Спасовски.

Инаку, Министерството за внатрешни работи до 30.01.2023 година има издадено вкупно 124 идентификациони исправи за неевидентирани лица во матична книга на родени. Идентификационата исправа се издава со рок на важење од пет години, со можност за продолжување до дополнителниот упис во матична книга на родените согласно Законот за матичната евиденција, а кога тоа ќе биде завршено, идентификационата исправа се поништува. Притоа, евиденциониот број определен од Управата за водење на матичните книги, содржи податоци од кој го определува МВР според местото на запишување на граѓанинот во матичната книга на родени во Република Северна Македонија, согласно Законот за матичен број.

Министерот Спасовски истакна дека целта на севкупниот процес е да се евидентираат сите лица кои се родени на територија на Република Северна Македонија, односно да нема лица кои се родени во државата, а не се евидентирани во матичните книги на родени.

-Веќе е формирана меѓуресорска работна група во која учествуваат претставници од сите надлежни институции, меѓу кои и претставници од МВР и УНХЦР, со задача да изготват нов предлог Закон за матичната евиденција. Носител на новиот предлог Закон за матичната евиденција е Министерството за правда, кое ги координира активностите на оваа работна група. Во рамки на работната група, се работи на ново системско решение, односно на изнаоѓање на начин на решавање на статусот на неевидентираните лица во Матичната книга на родените. Во предлог законот се разгледува можноста за воведување на Преодни и Завршни одредби, во кои точно ќе се прецизира рокот за запишување на овие лица од посебната матичната книга на родени во редовната матична книга на родените. Исто така, се менува и досегашната постапка за дополнителен упис во матичната книга на родени, во насока на подобрување и олеснување на постапката за дополнителен упис на оваа категорија на лица во редовната матична книга на родени, рече Спасовски пред пратениците од Комисијата за политички систем.

Спасовски е уверен дека со новото предлог законско решение ќе се надминат слабостите на кои укажа практиката, ќе се зголеми ефективноста на процесот, ќе се придонесе за навременост и конечно регулирање на граѓанскиот статус на неевидентираните лица, остварување на нивните права и нивна општествена интеграција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот