Спасов: Средбата Ковачевски-Заев-Ахмети испрати порака за обединување на прозападните сили

Проф. д-р Ѓорѓи Спасов во поткастот „Политиканти“/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Поранешниот амбасадор и политички аналитичар Ѓорѓи Спасов средбата на екслидерот на СДСМ Зоран Заев, актуелниот претседател на партијата Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека треба да испрати порака за смирување и обединување на политичките сили во рамките на сегашното парламентарно мнозинство пред изборите.

– Оваа средба, веројатно има за цел да се отвори разговор за можно создавање на влада на широка коалиција, секако не без ДУИ по изборите, незвисно од тоа кој ќе биде во позиција да формира влада, со цел да се стигне до потребното параламентрано мнозинство за промена на Уставот или за изнаоѓање на некое друго решение за продолжување на европските интеграции на земјата – вели Спасов.

Во однос на средбата на Бојан Маричиќ кој е секретар за меѓународна соработка на СДСМ и на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, со функционери на Самоопределување од Косово е веројатно во функција на обезбедување соработка меѓу партии кои поддржуваат социјалдемократски вредности е евроатланска ориентација во регионот.

– Такви партии во рамките на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) се должни меѓу себе да се почитуваат, подржуваат и соработуваат. А не би ме чудело средбата да е направена и со препорака од ДУИ, за да се испрати порака до Самоопределвање кого треба да подржуваат – истакнива Ѓорѓи Спасов за Рацин.мк.

Спасов вели дека за „претседателските избори, партиите во вториот изборен круг ќе се поделат на партии што се построени западно од политичкиот центар, кои ќе го подржат заедничкиот кандидат на СДСМ и на ДУИ и на партии источно од политичкиот центра кои ќе го подржат кадидатот на ВМРО ДПМНЕ“.

– При таков модел на политичко обединување, големи се шансите да победи кандидат на партиите што се наоѓаат западно од политичкиот центар незвисно од резултатите во првиот изборен круг во кој сите партии преку свои кандидати можат да си ги мерат силите и својата политичка тежина – посочува Спасов.

Тој потсетува дека ќе се повтори изборната тактика од претходните избори кога СДСМ во 2020 година излезе со заедничка листа со партијата Беса, и со два пратеника повеќе од ВМРО ДПМНЕ успеа да формира влада. Тие заеднички листи со Беса не го дискредитираа СДСМ во очите на неговите избирачи бидејќи таа е и натаму граѓанска е не чисто етничка партија.

– На следните избори СДСМ може да оди самостојно во изборните едниници 3 и 4 и во колиција со ДУИ и со Алијансата на Албанците во другите четири изборни единици. Таа коалиција може да обезбеди доволен број мандати за формирање влада, по што ако се изнајде компромис може да ѝ биде понудено на ВМРО ДПМНЕ да влезе во Влада на широка коалиција со цел да се откочи евроатланскиот процес – анализира Спасов.

Тој истакнува дека е важно „да не се води изборна кампања со пропаганда на стравот на едни од други и со плашење на народот од победата на изборите на една или на друга партија, туку да се води кампања со взаемно почитување и аргументирање на предлозите и разликите“.

За претстојните регионални активности со учество на лидери од ЕУ и САД, амбасадорот Ѓорѓи Спасов е на мислење дека Самитот на лидерите од Западен Балкан во Скопје и на другите активности во регионот, ќе ја санираат штетета од запирањето на процесот на евроинтеграциите со блокадите од Грција и Бугарија.

– Со помош на САД секоја од овие земји ќе биде охрабрена да ги недминува своите внатрешни слабости, да наоѓа компромис со соседите и да се одржува мирот и евроатланската ориентација на Регионот. Во услови на прилична поделеност на ЕУ, САД се свесни дека тие можат единствено да се јавуваат во улога на сериозни посредници и одржувачи на надежта за евроатланската иднина на Регионот. Инструментите и моќта со која САД располагаат за решавање на внатрешни проблеми во овие земји и на нивните меѓусебни конфликти им се добро познати на земјите од Регионот и до сега се покажуваа ефективни, нагласува амбасадорот Ѓирѓи Спасов за Рацин.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот