Спас за Мавровското езеро-хотелите во Маврово ќе добијат пречистителни станици

Маврово / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поголемите хотелски капацитети во Маврово најавуваат дека ќе инвестираат во пречистување на фекалните води кои сега се влеваат директно во Мавровското езеро. Нискиот водостој на езерото поради интензивното искористување за производство на електрична енергија, прават живиот свет во оваа вештачка акумулација, која е една од атракциите на мавровскиот туристички центар да е на работ на опстанок, а отпадните води што непречистени одат во езерото претставуваат дополнителна закана.

Откако со месеци јавноста укажуваше на катастрофалната состојба во која се наоѓа Мавровското езеро, извршениот вонреден надзор од страна на Државниот Инспекторат за животна средина минатиот месец утврди дека бројни угостителски и хотелски објекти во мавровскиот крај немаат елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување. Инспекторатот ги задолжи хотелите и рестораните чии канализациски одводи завршуваат во водите на Мавровското езеро да изработи елаборати за заштита на животна средина и со нив да се утврди колкаво е нивното негативно влијание врз животната средина и во какви методи за пречистување на отпадните води треба да инвестираат.

Рокот кој им го зададе Државниот инспекторат за да превземат мерки е три месеца. Од Ресорт Маврово, кои се сопственици на ски-центарот Маврово и на хотелите Бистра, Маврово Спорт и Лоџ добивме одговор дека веќе превземаат мерки и дека сите хотели од ланецот на Ресорт Маврово ќе имаат прочистителна станица.

Во моментов се работи на нови елаборати за животна средина за хотелите Спорт и Лоџ и истите ќе бидат испратени во Министерството за животна средина на одобрување. За Хотел Бистра ги собираме документите за барање на дозвола за испуштање на водата со проект за инсталација на прочистителните станици. Документацијата е пообемна и потребно е време за процесот на одобрување, велат за Слободен Печат од Ресорт Маврово.

Самир Ајдини, директор на Националниот парк Маврово, за Слободен Печат вели: Точно е дека отпадните води завршуваат директно во езеро, но ние многупати сме укажувале на сите субјекти што е неопходно да се направи за заштита на животната средина, а понатаму се е во надлежност на Општината. Ајдини вели дека тие се во постојана комуникација со хотелите и угостителските капацитети крај Мавровското езеро и најави дека хотел Радика веќе работи на подготовки за изградба на прочистителна станица, која чини околу 60 илјади евра.

На прашањето што превзема управата на Национален Парк Маврово за да се подобри состојбата со Мавровското езеро, оттаму велат дека тие си ги извршуваат обврските во поглед на заштита на животната средина во склад со своите ингеренции, но, дека немаат никакви ингеренции кога станува збор за нискиот водостој на Мавровското Езеро. Ингеренции во поглед на издавањето на дозволи за изградба на објекти има Општина Маврово Ростуше, од каде што тврдат дека тие ги издаваат само врз основ на запазени еколошки норми, а по претходно дадено позитивно мислење од страна на Националниот парк Маврово. „Доколку НП Маврово даде негативно мислење за изградба на конкретен објект, тогаш тоа и кај нас не поминува“, вели Медат Куртоски, градоначалник на Маврово Ростуше. 

За ЕСМ нискиот водостој на Мавровско езеро е во ред: Нивото на акумулациите со кои управува АД ЕСМ се наоѓа во рамките на осцилациите на дозволените минимални и максимални коти, пропишани во Водостопанските дозволи за зафаќање вода, издадени од надлежниот орган, стои во одговорот од нивната прес служба.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот