Спартак немаше сили за нова сензација, ракометарките на Ѓорче Петров го одбранија трофејот во купот
Ракометарките на Ѓорче Петров потешко од очекувањата, но го одбранија трофејот во Купот на Македонија, откако во финалето славеа над Спартак со 33-30
Препорачано
Иако Спартак влезе во мечот охрабрен по сензационалната победа над Чаир во полуфиналето, денеска не успеа да направи уште едно изненадување против поискусниот и поквалитетен противник.
Екипата од Кисела Вода имаше одличен старт и поведе со 3-1, но како што одминуваше времето, фаворитот ја презеде контролата. Сепак, во најголем дел од првото полувреме разликата беше минимална, од еден до два гола. Во самиот финиш, „лавиците“ од Ѓорче направија серија и на паузата заминаа со солидни 18-14.
Во второто полувреме Ѓорче Петров дополнително го засили ритамот и во еден момент стигна и до највисоки плус шест. Но, борбениот Спартак не се предаваше и во последните десет минути успеа да се доближи на само два гола негатива (27-29) и внесе неизвесност.
Во драматичната завршница, Спартак неколкупати дојде и на само гол разлика, но немаше сили за комплетен пресврт, па трофејот повторно заврши во рацете на Ѓорче Петров.
Инаку, ова беше историско прво финале за Спартак, па самиот пласман претставува голем успех за овој тим.


