Современата австриска уметност во Чифте амам е претставена со дела инспирирани од природата, животот и просторот
Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста на 12 март во Националната галерија – објект Чифте амам беше отворена изложбата „Флора – Фауна – Покриви“ на уметниците Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх.
Препорачано
Долгогодишната успешна соработка меѓу амбасадата на Република Австрија и Националната галерија, во низата на проекти на културна размена и претставување на истакнати австриски уметници на нашата уметничка сцена, оваа година пред публиката ја донесе изложбата со наслов „Флора – Фауна – Покриви“. Изложбата го претставува современото австриско сликарство инспирирано од пејзажи, урбани мотиви, флора и фауна.
На изложбата се претставени дела од австриските уметници Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер, чии уметнички дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува. Изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на Рабницталските сликарски недели – во покраината Бургенланд, Австрија.

Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура. Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции.

Манфред Лајрер во своите дела ја истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти.

И покрај нивната стилска различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничко уметничко потекло, долгогодишна соработка и заедничко разбирање за значењето на природата, просторот и секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање пред присутните рече дека „изложбата е културен настан што ја носи свежината од пријателска Австрија, но и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави што ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски“.

Тој додаде дека двете држави со години градат партнерство каде што културната соработка има особено значајна улога. „Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи, културната соработка има особено значајна улога – таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни партнерства меѓу институциите и уметниците од двете земји“, потенцираше Љутков.
Изложбата „Флора – Фауна – Покриви“, која ќе биде отворена за посетителите до 12 април, ја реализира Амбасадата на Република Австрија во соработка со Националната галерија и со поддршка од Министерството за култура и туризам.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 325, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-22.3.2026)


