Принтскрин од видео на Ајзен

Советот за безбедност на 1 март предвиде дека синагога во Македонија може да биде запалена

На 1 март годинава Советот за безбедност свикан од претседателката Гордана Силјановска Давкова предвиде дека синагогите и објектите на Еврејската заедница во Македонија може да се предмет на закана. Претседателката пред месец и половина по одржаниот состанок на Советот истакна:

Само уште една реченица. Веројатно знаете дека ширум светот определени објекти како синагоги или седишта на еврејската заедница или Музеј на холокаустот, како кај нас, може да бидат под закана. Затоа, треба да им се посвети посебна грижа и внимание. Добивме информации од надлежните дека ги следат овие процеси и дека се под заштита и контрола овие објекти, што значи не треба да очекуваме изненадување. Се разбира, мислам дека во вакви моменти најдобро е да ги кажеме општите констатации, бидејќи настаните се менуваат со голема брзина. Многу важно е тие да се следат и соодветно да се реагира. Во тоа можеби една од најважните улоги е вашата, новинарската, и јас мислам дека овие денови тоа се одвива како што треба.

Амбасадорката на Израел во Македонија, Вивијан Ајзен, вчера објави видеоснимка од обидот да се запали синагогата во Скопје.

Еврејската заедница во Македонија соопшти дека вчера имало обид да се запали нејзиниот објект и синагогата. Го осудуваат овој чин и апелираат до надлежните органи за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите, како и за гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани.

На 12 април, првпат во поновата историја беше извршен обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата. Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар вз темелните вредности на цивилизираното опоштество – соживотот, достоинството и заемната почит. Еврејската заедница како најмалубројна, но историски длабоко вкоренета заедница на овие простори уште од времето на Антиката отсекогаш го градела својот опстанок и придонес врз принципите на мир, солидарност и заедништво. Ние сме живееле посебно во нашите верски традиции, но заедно во секојдневието – рамо до рамо со сите наши сограѓани, споделувајќи ги и радостите и премрежјата на ова општество, се вели во соопштението до медиумите потпишано од претседателот на Еврејската заедница во Македонија Пепо Леви.

Во писмото стои дека „со особена загриженост констатираме дека во последниве години се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток“.

Таквите тенденции, според Еврејската заедница, не се само погрешни, туку, како што велат и длабоко неправедни, и тие „го отвораат патот за оживување на антисемитизмот – појава која човештвото одамна требаше да ја остави зад себе“.

„Обидот за подметнување пожар е алармантна последица токму на таквата атмосфера. Остро и недвосмислено го осудуваме овој чин. Истовремено, повикуваме на јасна, гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. Само преку заедничка одговорност и будност можеме да обезбедиме ваквите појави никогаш повеќе да не се повторат. Апелираме до надлежните органи за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите. Но уште поважно, апелираме до совеста на општеството – да не дозволиме омразата, стравот и незнаењето да станат погласни од разумот, човечноста и правдата“, стои во соопштението.

Министерството за внатрешни работи извести дека вчера во двор на верски објект биле забележани канистар за гориво и траги од горење.

ВИДЕО | Израелската амбасадорка објави како луѓе рипаат во дворот на синагогата, истураат течност и фрлаат запален факел

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот