Совет на обвинители - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Совет на обвинители - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Советот на обвинители за случајот со мазутот: Одговорност на обвинител се утврдува со докази, а не врз основа на политички изјави

Одговорност на обвинител се утврдува со факти и докази, а не врз основа на политички изјави или јавен притисок, велат за „Слободен печат“ од Советот на јавни обвинители . Ова доаѓа по барањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ова тело да реагира за запирањето на постапката за злоупотреби со мазутот и секојдневните обвинувања и прозивки за шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази и обвинителката Катерина Коларевиќ, која ја донесе одлуката да се запре истрагата со образложение дека нема докази.

-Јавнообвинителските одлуки во конкретни предмети се носат во согласност со Законот за кривичната постапка и за нив е предвидена соодветна процедура за правен лек. Советот на јавните обвинители постапува исклучиво во рамки на своите законски надлежности и не е орган кој може да влијае врз текот или исходот на конкретни истражни и обвинителски постапки. Согласно Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за јавното обвинителство, Советот ја гарантира самостојноста на јавните обвинители и нема законска надлежност да дава насоки, наредби или да влијае во однос на одлуките што ги носат обвинителствата во конкретни предмети – велат од Советот.

Оттаму додаваат дека Советот не може да коментира, ниту да прејудицира одлуки донесени во рамки на законски утврдени постапки од страна на надлежното јавно обвинителство.

-Доколку постојат сомнежи за незаконито, нестручно или несовесно постапување на јавен обвинител, Законот предвидува посебни механизми и постапки за утврдување одговорност, кои се водат врз основа на конкретни факти и докази, а не врз основа на политички изјави или јавен притисок. Советот останува доследен на принципите на владеење на правото, поделба на власта и самостојноста на јавнообвинителската функција, без да дозволи какво било политичко влијание врз постапувањето на јавните обвинители – додаваат од Советот.

Минатата недела Обвинителството соопшти дека истрагата за наводни злоупотреби со мазутот, била запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште осум други осомничени.

Пропадна предметот со Капушевски и Јахоски за мазутот — „не се утврдени злоупотреби“, вели Обвинителството

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот