Совети од флористката Ане Блу: Растенија што виреат и во домови со ограничена сончева светлина

Фото: Unsplash

Намалената количина на сончева светлина во текот на дневните часови можеби нема да значи многу за вас, но на поголемиот дел од салонските растенија кои го красат вашиот дом или работен простор им е од големо значење.

Фото: Unsplash

Доколку живеете во дом кој во текот на денот е помалку изложен на природна светлина, тоа не значи дека не треба да чувате растенија, само треба да го направите вистинскиот избор. Постојат голем број на салонски растенија кои одлично се прилагодуваат услови со ограничена сончева светлина, а притоа тоа не делува на нивниот изглед и раст.

Фото: Unsplash

За да го направиме вистинскиот избор на најдобрите растенија кои се соодветни за простории кои недоволно се изложени на природна светлина поразговаравме со Ане Блу, професионален флорист и креатор на цветната онлајн галерија и шоп „Ane Blue Flowers“.

Замија

Замијата е на врвот на листата на салонски растенија со најскромни барања. Растение кое ќе го оплемени вашиот дом, а притоа нема да бара многу за возраст. Брзо се разгранува и во услови кога има недостаток на светлина.

Фото: Unsplash

Ова зимзелено растение потекнува од Африка, а поради раскошниот изглед и лесното одржување во последниве неколку години стана особено популарно како собно саксиско растение.

Многу често може да се забележи како разубавува нечија канцеларија, новоотворен бутик или салон за убавина. Според фенг-шуи верувањата, ова интересно салонско растение ќе ви донесе пари, среќа и успех како на работен план така и во домот, а притоа гарантирано ќе ви донесе чист воздух. Дебелите мали ливчиња што наликуваат на парички се одличен, природен „нано-филтер“.

Сансеверија

Сансеверијата е многу отпорно декоративно собно растение чии листови кои наликуваат на сабја растат и кога нема доволно светлина. Прилагодливо е доколку живеете во мал стан или работите во мала канцеларија бидејќи расте во висина и не зафаќа многу простор.

Фото: Unsplash

Дури и ако на вашиот дом му недостасува квадратура, внесувањето зеленило е од суштинско значење за да го оживеете.

Растенијата во затворените простори додаваат повеќе убавина, а исто така обезбедуваат функционални придобивки, како што се промовирање на позитивно расположение, прочистување на воздухот и создавање чувство на поврзаност со природата дури и кога не сте во можност да излезете надвор.

Сансеверијата се одржува многу лесно, се наводнува ретко и може да опстане во која било просторија во вашиот дом или во канцеларија.

Фото: Unsplash

Потекнува од тропските делови на Јужна Африка. Идеално е за одгледување кај луѓе што имаат премногу работни обврски, бидејќи не бара премногу нега.

Сансеверија е позната како еден од најдобрите прочистувачи на воздухот во затворени простории. Ова растение испушта кислород во текот на ноќта и го прочистува воздухот од токсини, со што значително се подобрува сонот, а оваа карактеристика го прави подобно доколку сакате да ја раззелените и спалната соба.

Потос

Брзо-растечко и благодарно растение кое не бара многу светлина или нега, а постојано ве наградува со нови листови. Како ползечко растение, совршено ќе се вклопи на некоја висока полица во домот.

Фото: Unsplash

Едноставно, растение кое не се плаши од темнина. Останува зелено и кога е многу малку изложено на сончева светлина. Поради неговите карактеристики народски е познато и како ѓаволска лоза или ѓаволски бршлен.

Фото: Unsplash

Има повеќе видови на потос кои се разликуваат во бојата и шарата на листовите, но сите се доволно моќни да опстојат во потемни простории.

Фото: Unsplash

Драцена Флагранс

Салонско растение, палма кое ужива на средна светлина, но може да толерира услови на слаба осветленост. Потребна е само минимална грижа за да произведе убави зелени листови.

Фото: Unsplash

Драцената восхитува со својот раскошен и тропски изглед кој ќе се погрижи да ја исполни просторијата со свежина, а притоа е позната како одличен природен прочистувач на воздухот во затворени простории.

Аглоанема

Во последно време убавината на ова салонско растение ги освојува социјалните мрежи. Често може да наидеме на фотографии каде ова растение е дел од нечиј ентериер.

Фото: Unsplash

Аглонема е растение кое потекнува од Филипините, Борнео и Индонезија, има интересни листови прошарани со разнолики бело – сребрени шари кои достигнуваат должина околу 15-20 сантиметри. Аглаонемата едоставно ужива во сенка, но може да поднесе и сончева светлина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот