Сотирова-Бухова: Состојбата во ГОБ „8 Септември” е под контрола, на ГАК и „Ремедика” испочитувани протоколите

Состојбата во ГОБ „8 Септември” е под контрола. Околу 20 лица – доктори, медицински сестри и технички персонал се во домашна самоизолација по основ на контакт со потврден случај, изјави денеска директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова.

– Работата во болницата не е компромитирана. Болницата „8 Септември” работи со својот персонал и со помош на други здравствени институции со полн капацитет, истакна Сотирова-Бухова, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Епидемиолошката анкета укажува дека првите два позитивни случаи на КОВИД 19 од медицинскиот персонал во болницата се разболеле од контакт однадвор.

–  Првите два позитивни случаи според епидемиолошката анкета укажува на импортирана инфекција однадвор. Другите се изолирани врз основа на контакт со позитивно лице, рече Сотирова-Бухова.

Во однос на информацијата дека медицински лица од Армијата ќе земаат брисеви од лица кои се во карантин, Сотирова-Бухова рече дека таа нема такви информации.

ДЗСИ ги заврши вонредните инспекциски надзори на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Приватната општа болница „Ремедика”. Се чекаат се уште како дополнување изјавите на докторите сестрите и целокупниот персонал на Клиниката, кој бил на работа на 6 јуни кога во 23:30 часот е примена пациентката која дошла да се породи, но не дала податок дека имала контакт со лице од нејзината фамилија кое било позитивно на Ковид-19 и ја напуштила таа јавна здравствена установа и отишла во „Ремедика”.

Ова го истакна Бухова Сотирова, која рече дека хоспитализацијата на пациентката во „Ремедика” е на 8 јуни кога раѓањето веќе е почнато. На прием, посочи Бухова Сотирова, има дадено податок дека имала контакт со лице кое имало респираторни потешкотии, не дека има податок за контакт со позитивно лице.

Во врска со одговорноста на медицинско лице, ако пациентката е медицинско лице, во однос на давање некомплетни или целосно лажни податоци, посочи таа, ДСЗИ нема да застане и ќе соработува со институции што имаат ингеренции да постапуваат по ова прашање.

– И во двете установи е испочитуван  алгоритамот и протоколот до последна ситница и нема загрозување ниту на пациенти, ниту на вработени и во едната и во другата институција. Со решение дадено за самоизолација по извршена епидемиолошка анкета во приватната болница во домашна изолација е екипата од четворица медицински лица вработени кои учествувале при интервенцијата кај пациентката. Протоколот на Клиниката за гинекологија е апсолутно испочитуван, сите по алгоритам се обезбедени, го почитувале и носеле лична заштитна опрема. Таму нема персонал кој би требало да биде во самоизолација, рече д-р Сотирова Бухова, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на Инспекцискиот совет.

Дали пациентката работела или дали е дипломиран доктор, појасни, не е во ингеренција на ДСЗИ.

– Во однос на ингеренциите на ДСЗИ и на докторите кои работеле во двете институции апсолутно не е битно дали пациентката е мединско лице или не. Таа е примена, хоспитализирана и во двете институции и е пружено по медицина базирана на докази се што и било потребно. По пораѓањето во ПЗУ, каде тоа се извршило, пациентката, бидејќи било констатирано дека е позитивна на Ковид-19, е изолирана во посебна соба, истакна д-р Сотирова Бухова.

На прашање дали ДСЗИ ја има информирано полицијата за случајот, рече дека не е завршен целокупниот надзор во однос на собирање изјави од персоналот, кој бил на работа на 6 јуни.

– ДСЗИ нема индиции во овој момент да информира друга институција. Доколку имаме индиции за таква основа секако ќе постапиме и понатаму, додаде д-р Сотирова Бухова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот