Сопственикот на „Пинк“ му нудел улоги на српскиот актер Драган Јовановиќ, му рекол „да ги батали протестите“
Сопственикот на телевизијата „Пинк“, Жељко Митровиќ, бргу реагирал на новогодишното интервју што актерот Драган Гаги Јовановиќ го даде за весникот „Данас“ и му понуди да учествува во снимање филмови и серии, со порака да ги „батали“ протестите, објави „Данас“.
Препорачано
Новогодишното интервју со Драган Гаги Јовановиќ, под наслов „Мене ми се случи 6 октомври“, беше објавено на веб-страницата на „Данас“ на 31 декември, а набргу потоа Жељко Митровиќ му се јавил телефонски на актерот.
– Новата година ја чекав во мирна атмосфера, со семејството и со внукот, кога ме повика и ми понуди да снимам пет филмови и не знам колку серии. Ми понуди „ние“ да работиме, а јас да го баталам ова, бидејќи тоа, наводно, и онака пукнало сè. Тој, всушност, сака да ме спаси, да ми помогне – изјави Јовановиќ.
На предлогот на Митровиќ, Јовановиќ одговорил само со: „Аха…“, но, како што вели, смета дека неговиот соговорник по тонот на гласот лесно можел да заклучи дека одговорот бил ироничен.
– На крајот додадов: „Во ред, јави се’ – раскажува Јовановиќ, додавајќи дека има луѓе кои мислат дека сè може да се купи.
Актерот Драган Јовановиќ ќе пешачи со студентите до Нови Сад, веќе си купил и нови патики
Во интервјуто за „Данас“, Гаги Јовановиќ не го спомна Жељко Митровиќ по име и презиме, но зборуваше за медиумски магнат кој му нудел сценарио, како и превоз со хеликоптер до Златибор.
Јовановиќ порача дека клучот за општествена промена не е идеолошката поделба, туку заеднички манифест што ќе ги обедини луѓето околу слобода, правда и достоинство. Тој изјави дека разумот и ненасилството се единствениот пат напред и дека протестите покажале оти се разбудил „вистинскиот народ“, особено младите, кои веќе почнале да го менуваат начинот на размислување во општеството. Според него, смената на власта нема автоматски да донесе подобар живот – потребни се трпение, јасен план и нов систем на вредности.
Актерот отворено зборуваше за моментот кога одлучил повторно јавно да проговори и да се вклучи во протестите, истакнувајќи дека не можел мирно да живее додека, како што рече, земјата „страда и крвари“.
Тој нагласи дека се спротивставува на насилството и дека силата на протестите лежи токму во мирниот отпор, моралната надмоќ и во солидарноста меѓу граѓаните. Сцените со студенти, кои мирно се соочуваат со репресијата, за него се симбол на вистинска победа и доказ дека стравот почнува да се крши.
Јовановиќ во интервјуто призна дека неговиот јавен ангажман имал цена – одбил бројни понуди за работа и улоги, вклучително и примамливи понуди од луѓе блиски до власта – но вели дека скромноста и личниот интегритет му се поважни од парите и привилегиите. Според него, уметниците, интелектуалците и институциите имаат одговорност појасно да застанат на страната на народот и порача дека општеството мора да се подготви за „нова држава“, во која никој нема да влегува во политиката од личен интерес, туку од чувство на должност и од чест.


