Сопственичка на петел во Англија доби опомена, на соседите им пречи утринското кукурикање
Властите во англиската грофовија Норфолк ја предупредиле сопственичката на еден петел поради бучавата што, според наводите на сосед, ја предизвикува неговото утринско кукурикање, пренесуваат британските медиуми.
Препорачано
Сју Фартинг (58) изјавила дека Советот на Јужен Норфолк ѝ се заканил со издавање налог за заштита на заедницата врз основа на уредбата за антисоцијално однесување, поради наводна прекумерна бучава што ја создава нејзиниот петел по име Полковник.
Според нејзините зборови, петелот во текот на ноќта е затворен во кокошарник, а прозорците се дополнително затемнети за да се спречи да почне прерано да кукурика и да го вознемирува анонимниот подносител на пријавата.
Фартинг тврди дека петелот кукурика еднаш наутро и уште двапати во текот на денот, оценувајќи дека целиот случај е „бесмислен“. Доколку бучавата не се намали во рок од седум дена, полицијата, според предупредувањето, би можела да го заплени и да го усмрти животното.
Петицијата со која се бара локалните власти да ја прекинат постапката против сопственичката ја потпишале околу 600 луѓе, главно жители на тоа подрачје, кои наведуваат дека сакаат да го зачуваат руралниот карактер на крајот.
Фартинг оценила дека станува збор за обид на локалните власти, како што навела, „да го уништат селскиот начин на живот за да им угодат на градските навики“.
„Прилично е вознемирувачки. Јас сум граѓанка што ги почитува законите и тоа што ми се закануваат со мерка за антисоцијално однесување е лудост. Тоа е несразмерно со ситуацијата.“
Мерката за антисоцијално однесување е административна постапка во Обединетото Кралство со која на поединец му се забранува одредено однесување што се смета за вознемирувачко или штетно за заедницата. Најчесто се применува во случаи на бучава, вознемирување, вандализам, насилно или несоодветно однесување. Непочитувањето на оваа мерка претставува кривично дело.


