Сопругата на Ноам Чомски се извини: „Направивме голема грешка во врска со Џефри Епстин“
Сопругата на лингвистот и филозоф Ноам Чомски, Валерија, во соопштение се извини затоа што таа и нејзиниот сопруг направиле „тешка грешка“ во врска со американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, како и поради тоа што не го истражиле темелно неговото минато, објави „Гардијан“.
Препорачано
Валерија Чомски додаде дека Епстин ги измамил и дека тие биле „невнимателни“.
Односот меѓу Чомски (97) и Епстин повторно се најде во фокусот на јавноста откако документите објавени од американското Министерство за правда го разоткрија нивното пријателство.
Кога Епстин во 2019 година се најде во центарот на вниманието поради обвиненијата за трговија со луѓе за целите на сексуална експлоатација, тој побарал совет од Чомски за тоа како да реагира.
„Го видов ужасниот начин на кој се однесуваат кон вас во медиумите и во јавноста. Болно е да се каже, но мислам дека најдобриот начин е тоа да се игнорира“, напишал Чомски во порака потпишана со „Ноам“, која Епстин ја споделил во електронска пошта со еден свој соработник.
Чомски додал дека она што „мршојадците“ најмногу го посакуваат е јавен одговор, кој потоа создава простор за бран на отровни напади, од кои многумина доаѓаат од луѓе што бараат публицитет или од „чудаци од секаков вид“.
„Ова е особено точно сега, со хистеријата што се разви околу злоставувањето на жените, која достигна точка каде што дури и доведувањето во прашање на обвинувањата се смета за злосторство полошо од убиство“, му напишал Чомски на Епстин.
Ноам Чомски е еден од неколкуте истакнати личности за кои беше откриено дека одржувале пријателска комуникација со Епстин, дури и по неговото признавање на вина во 2008 година.
Многумина сега се соочуваат со преиспитување на своите врски со осудениот сексуален престапник.
Дел од комуникацијата меѓу Чомски и Епстин се одвивала и по 2018 година, кога весникот „Мајами хералд“ објави шокантна истражувачка сторија во која детално беше опишано како Епстин злоупотребувал малолетни девојчиња и добил невообичаено блага спогодба за признавање вина во 2008 година.
Валерија Чомски призна дека парот ја прочитал таа статија, но изјави дека не биле свесни за размерите на злосторствата на Епстин сè до неговото второ апсење во јули 2019 година.
Американското Министерство за правда пред околу десет дена објави приближно 3,5 милиони документи поврзани со случајот Епстин, кој во 2019 година во САД беше обвинет за трговија со малолетници за целите на сексуална експлоатација.
Во јули истата година, Епстин почина во затвор, а како официјална причина за смртта беше наведено самоубиство.
Митови и факти | Реџеп Исмаил: Педофилот Епстин го урна митот за цивилизираниот Запад


