Соопштение на штедачите во Еуростандард банка: Дел од оштетените велат дека јажето околу врат е единствен излез од овој грабеж

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Одлуката на Уставниот Суд за жал e негативна и претставува последен клин на сандакот во кој сме сместени, се вели во најновото соопштение на оштетените штедачи на Еуростандард Банка, како нивна реакција по седницата на Уставниот суд на која се одлучуваше по поднесената иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на член 163, став 3 од Законот за банки.

– Последната шанса на правен и цивилизиран начин да се исправи неправдата направена во целиот овој криминал за жал е пропуштена и ќе служи како акт во историјата на правото каде моментниот состав на судии на Уставниот Суд имале историска шанса да исправат неправда на моментални, а и идни оштетени штедачи од овој криминален банкарски систем. Резултатот од гласањето е пет судии „против“ наспроти четворица „за“, се наведува во нивниот денешен допис со најава за детали во наредните денови.

Денешниот текст, како што истакнуваат во соопштението, „го посветуваме на жртвите на овој криминал.

– Во овие тешки моменти за нив, да се обидеме да дадеме некоја надеж и поддршка и да им ставиме до знаење дека сепак има некој кој мисли на нив, бидејќи институциите комплетно заборавија на нив, почнувајќи од Владата, од Премиерот, од Финансиската полиција, од МВР кој сè уште дозволува криминалците да се шетаат слободно, па се до Уставниот Суд како последен егзекутор. Единствена светла точка во целата ситуација е безрезервната поддршка што ја добиваме од медиумите на кои им сме бескрајно благодарни, нагласуваат оштетените штедачи од Еуростандард банка.

– Би сакале да споделиме со јавноста дека до Здружението во текот на целиот ден пристигнуваат пораки од оштетените каде дел изјавуваат дека правдата ќе ја преземат во свои раце, дел од нив говорат дека јажето околу врат е единствен излез од овој грабеж врз нив и нивното достоинство кој продолжува и воедно би сакале ние како Здружение да побараме помош од некого во државава како да одговориме на овие пораки и каква надеж да им дадеме на овие наши сограѓани. Едно е сигурно, дека ние како Здружение ќе продолжиме да делуваме и преку соопштенија до јавноста го расветлуваме овој криминал направен врз нас, и покрај личните закани кои одредени членови ги добиваат по објавените текстови. Свои пет минути ќе добијат сите инволвирани без оглед на која политичка, етничка или било каква група припаѓаат, додаваат од Здружението.

Вчерашната одлука на Уставниот Суд ја оценуваат како една загубена битка во војната со банкарското лоби на чело со гувернерката на НБРСМ, истото тоа лоби кое, според нив, во изминатите денови силно лобираше и притискаше врз судиите од Уставниот Суд за да донесат одлука со која нивниот профит нема да биде загрозен.

– И покрај нашиот повик до судиите да се апстрахираат од политички влијанија, бидејќи политиката не значи владеење на правото, туку протежирање на политичка агенда која неретко штити интереси на одредени политички или други елити и најчесто не е во корелација со правната држава, ниту со заштита на правата на граѓаните. Наместо тоа, политиката се обидува да ја искористи правната држава како алатка за интересите на елитите, протежирање на политичките агенди во интерес на елитите или во случајов банкарското лоби на чело со гувернерката, наспроти интересот на граѓаните. За жал принудени сме оваа наша голгота да ја споделиме со меѓународните институции и тоа во момент кога оценките од истите тие институции за нивото на корупција во општеството се и тоа како неповолни особено за држава која претендира да стане членка на унија на држави каде ваков криминал не само што не проаѓа неказнето, туку и се решава во најбрз можен начин во интерес на штедачите кои се темел на банкарскиот систем, се наведува на крајот од соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот