Собранието на Република Српска изгласа неприфаќање на пресудата за Додик
Собранието на Република Српска усвои сет заклучоци со кои ја „отфрла“ пресудата на Судот на БиХ и одлуката на Централната изборна комисија со која на Милорад Додик му беше прекинат мандатот како претседател на ентитетот, пренесува вечерва РСЕ.
Препорачано
Во заклучоците се наведува дека Народното собрание се спротивставува на одржувањето предвремени избори, „го повикува Додик да продолжи да ја извршува функцијата претседател на Република Српска“ и бара од сите институции во ентитетот да не преземаат никакви дејствија поврзани со распишувањето на изборите.
Еден од заклучоците предупредува дека „секоја соработка со ЦИК на БиХ по ова прашање би претставувала извршување на кривично дело непочитување на одлуките на институциите или телата на Република Српска, како што е пропишано со Кривичниот законик“.
Усвоен е и заклучок според кој Колегиумот на Собранието на Република Српска треба да подготви нацрт-резолуција за самоопределување на српскиот народ и Република Српска, иако Уставот на БиХ не предвидува право на самоопределување на ентитетите.
На почетокот на август, Судот на БиХ донесе конечна пресуда со која го осуди Милорад Додик на една година затвор, со шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна беше отплатена, додека ЦИК на БиХ, постапувајќи по пресудата, му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС.
Додик официјално не е претседател на Република Српска од 18 август, а ЦИК на БиХ е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот во рок од 90 дена.


