Со звање доктор на науки лани се стекнале 197 лица, најмногу докторирале во здравство и социјална заштита

Диплома факултет
Фото: Pexels

Минатата година 197 лица во земјава се стекнале со звање доктор на науки, што е намалување за два проценти во споредба со 2021 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Најголем број од нив докторирале во здравство и социјална заштита – 31,0 проценти, 17,8 отсто во бизнисот, администрацијата и правото, 10,2 отсто во општествените науки, новинарството и информирањето, 9,1 проценти во уметноста и хуманистичките, а останатите области се со помал процент на застапеност.

Лани докторска дисертација одбраниле 99 жени, што е 50,3 проценти од вкупниот број лица што докторирале во 2022 година.

Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 25,9 отсто, ја вршат својата професија во дејностите на здравствената и социјалната заштита, наведува ДЗС во објавата.

Звање магистер на науки и специјалист, пак, во 2022 година стекнале 1883 лица, од кои 1590 или 84.4 проценти се магистри и 293 или 15,6 проценти се специјалисти. Во споредба со 2021 година, наведува ДЗС, бројот на магистри и специјалисти е намален за 4,7 отсто.

Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2022 година е 61,3 проценти.

Најголем број од магистерските трудови лани, 611 или 38,4 отсто, биле од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 18,5 проценти се од областа на инженерството, производството и градежништвото. Потоа следуваат општествените науки со 15,1 отсто, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот