Со заедничка програма од милијарда евра, Франција и Бразил ќе ја спасуаваат Амазонија

Макрон во Бразил со Лула / Фото EPA-EFE/Sebastiao Moreira

Претседателите на Бразил и Франција вчера објавија план за инвестирање една милијарда евра во Амазонија, вклучително и делови од џунглата во соседна Француска Гвајана.

Владите на двете земји во заедничко соопштение наведоа дека парите ќе бидат искористени во следните четири години за заштита на шумата. Тоа ќе биде соработка меѓу бразилските државни банки и француската инвестициска агенција. Приватни ресурси исто така би биле добредојдени, нагласија Бразил и Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја почна својата тридневна посета на Бразил од градот Белем, каде се сретна со својот долгогодишен сојузник Луис Инасио Лула да Силва. Тие отидоа со брод до островот Комбу за да се сретнат со домородните лидери.

Макрон му го врачи престижниот Орден на Легијата на честа на индискиот поглавар Раони Метукире за неговите напори да ја заштити животната средина.

„Вие бевте во Европа и јас ветив дека ќе дојдам овде, во вашата шума и да бидам со вашиот народ“, му рече Макрон на лидерот на домородното население. „Претседателот Лула и јас имаме заедничка кауза за еден од нашите пријатели во оваа земја што ви припаѓа“, додаде тој.

Лула и Макрон ќе се обидат да „зацртаат заеднички курс“ за борба против климатските промени и сиромаштијата, соопшти Елисејската палата. Бразил ќе биде домаќин на самитот на Групата 20 водечки економии во Рио де Женеиро во ноември и на климатските преговори на ОН во Белем следната година.

Макрон и Лула денеска ќе пуштат дизел подморница направена во Бразил со помош на француска технологија во бродоградилиштето Итагвај во близина на Рио де Женеиро. Францускиот претседател потоа ќе се упати во метрополата Сао Паоло за да се сретне со бразилски инвеститори. Францускиот претседател утре ќе се упати во главниот град Бразилија за повторно да се сретне со Лула.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот