Со уривањето на предметите на СЈО, се урна и правната држава

Од рочиштата за „Таргет-Тврдина“/Фото: МИА

Со остри реакции за разурната правна држава и со голема загриженост заради неказнивоста на функционерите беше дочекана одлуката со која застаре обвинението против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за масовното прислушување на илјадници граѓани во предметот на згаснатото СЈО „Таргет-Тврдина“, што е директна последица на измените на Кривичниот законик кои беа усвоени на почетокот на септември во брза постапка со европско знаменце. Иако премиерот Димитар Ковачевски уверуваше дека со измените на КЗ нема скриена амнестија за поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и изјавуваше дека „измените се на сила, а ништо страшно не се случило“, последиците почнаа да се редат една по друга – за еден месец од измените застареа повеќе предмети на СЈО, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Продуцент“, „Моќник“, а на пат кон застарување се и сите преостанати за кои се уште нема правосилна судска пресуда, односно „Титаник“, „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Тендери“, „Шпански скали“…

Довербата нема да се врати со генерации

Според адвокатот Јанаки Митровски после ова довербата во судството нема да се врати со генерации.

– Исклучително ниската доверба во правосудството во најголема мера се должи на високопрофилни случаеви каде политичарите кои се на обвинителна клупа умешно маневрираат. Овие измени кои слободно можат да се наречат криминални ќе доведат до тоа да ние генерации нанапред нема да можеме да ја вратиме довербата на едно респектабилно ниво – вели Митровски за „Слободен печат“.

Јанаки Митровски, „Билка“ / Утрински брифинг
Јанаки Митровски / Утрински брифинг

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска не го коментираше засебно случајот „Таргет-Тврдина“, но повтори дека Европската комисија изрази длабока загриженост во врска со импликациите од самиот принцип на неказнивост поради овие измени. Тој рече и дека ставот на ЕК е многу јасен околу употребата на европското знаменце при носењето на овие законски измени и тој не е променет.

– Од наша страна можеме да кажеме дека одблиску ги следиме сите случувања кои се поврзани со судството и сите измени или последици што произлегуваат од измените на КЗ. Ќе излеземе со нови оценки и коментари во врска со понатамошни можни и идни развои на ситуацијата – рече евроамбасадорот Гир.

Според вицепремиерката Славица Грковска предметот „Таргет-Тврдина“ и без измените во КЗ бил во ризик од застарување. За овој предмет Мијалков доби 12 години затвор, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска доби четири години, а по 15 години добија поранешните контраразузнавачи Никола Бошковски и Горан Грујовски кои се во бегство, но Апелација со месеци ја држеше пресудата во фиока, па во април годинава ја укина и предметот го врати на повторно судење, по што завчера застаре.

– Тоа е предмет што пет години се водеше во судските лавиринти, а Апелација неоправдано го држеше девет месеци. Јас и претходно сум го изразувала своето разочарување за калкулантството на правосудниот систем и неефикасноста, а мојата реакција беше прилично остра тогаш и како резултат имаше постапка за утврдување на одговорноста на двајца судии за кои се покажа дека неоправдано го држеле со месеци овој предмет – рече Грковска.

Таа смета дека има доволно време за другите предмети на СЈО да се процесуираат и завршат во правична процедура.

– Апелирам на одговорност на правосудните органи затоа што сѐ уште има доволно време, да покажат дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор. Да не се однесуваат како поголеми политичари од политичарите – рече вицепремиерката.

Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење
Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење / фото: Утрински брифинг

Во врска со тоа дали државниот буџет ќе може да издржи да ги плати судските и сите останати трошоци од пропаднатите предмети, како и обештетувањето на прислушуваните граѓани, таа рече дека не знае ниту може да предвиди колкава би била таа сума.

Огромни трошоци за државата, граѓаните треба да тужат за обештетување

Според адвокатот Митровски адвокатските трошоци во сите високопрофилни предмети ќе бидат огромни ако се има предивд дека судењата траат со години.

– Оние кои поминале и време во притвор ќе ја тужат државата за бесправен притвор, а некои може да тужат и за изгубена заработувачка. Без правосилна пресуда со која се утврдува кој прислушкувал, прислушкуваните многу тешко може да се надеваат на оштета – вели Митровски за „Слободен печат“.

Тој додава дека оштетените граѓани треба да ја тужат државата ако сакаат да бидат обештетени за прислушувањето, но додава дека „со ваков исход тешко да се надеваат на позитивен исход“.

Пропаѓањето на „мајката на сите предмети на СЈО“ предизвика и низа реакци од политичките партии. Според ВМРО-ДПМНЕ, за оваа состојба вина носи и претседателот Стево Пендаровски кој можел да го одбие, ама го потпишал указот на измените на КЗ.

– Пендаровски експресно ги потпиша измените на КЗ по налог на Ковачевски и Ахмети со цел криминалците од власта да не одговараат. Со потписот Пендаровски буквално ги аболицираше сите функционери од СДС и ДУИ кои изминатиов период ја злоупотребувале службената положба. Пендаровски е директно виновен за хаосот во државата и деградирањето на правото – стои во реакцијата на најголемата опозициска партија.

Со многу остра реакција се јави и Демократски сојуз.

– Со измените на КЗ, со предлог-законот за амнестија и со најавената трета амнестија или ставање во сила на одлуката за аболиција на Ѓорге Иванов, ДУИ и СДСМ дефинитивно го урнисаа правниот систем во државата и создадоа предуслови мафијата да владее во Македонија, да трупа капитал и да ги блокира евроинтеграциите. Вакво мафијашко владеење нема ниту во јужноамериканските држави! Многу е опасно што угледни професори по казнено право за пари се ставија во одбрана на измените во Кривичниот законик и амнестијата на тешки криминалци – реагираше партијата на Павле Трајанов.

Оттаму додаваат дека со вакви одлуки се блокира Македонија на европскиот пат.

– Не можеме да веруваме дека ЕУ и САД очекуваат со овие криминални владини активности да го промените Уставот. Сериозен проблем е тоа што меѓународната заедница не реагира на соодветен начин што власта ги злоупотребува како наводна нивна поддршка за ова невидено разнебитување на државата и правниот поредок – порачаа од ДС.

Од Демократско движење на Изет Меџити порачуваат дека сега ДУИ и официјално станал партнер со експремиерот Никола Груевски и Мијалков и сите заедно го уриваат уставниот поредок.

– Контрадикциите на актуелната Влада немаат крај. ДУИ и СДСМ сакаат да ѝ се доближат на Европа со оние кои ја оттргнаа од Европа. Јасно се виде дека одобрувањето на КЗ е направено за амнестија на кривичните дела на Груевски и Мијалков – изјави Хаким Рамадани од Демократско движење.

Обвинителката Ленче Ристоска, по застарувањето на „Таргет-Тврдина“ вчера рече дека допрва ќе ги чувствуваме импликациите од измените на КЗ.

– За жал, нема да имаме кривично-правна разрешница и во овој случај и повторно ќе нема одговорност за незаконското прислушување во државата. Целосната застареност на случајот, е директна последица на измените во КЗ – рече Ристоска.

Премиерот Ковачевски денеска рече дека не ги коментира судските постапки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот