Добитници на годишните награди на ДПМ / Фотографија: Наќе Батев

Со традиционална свеченост во Друштвото на писателите на Македонија беа врачени годишните награди за 2025 година

Со врачување на годишните награди за 2025 година на 13 февруари Друштвото на писателите на Македонија одбележа 79 години од основањето со свеченост посветена на годинашните лауреати.

Добитници на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2025 година се Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани. На конкурсот за наградите на ДПМ за 2025 година беа пријавени вкупно 53 дела.

Наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга ја доби романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Ламина“. Оваа одлука е донесена со мнозинство гласови во тричлената жири-комисија во состав: Соња Стојменска-Елзесер (претседателка), Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски (членови).

– Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е проза што ја преиспитува комплексноста на љубовта, движечката енергија на животот. Три Марии, три женски судбини, три свадби: една селска, во Карабичане; една во нудистички камп на Јадранскиот брег, и една во луксузен скопски хотел. Свадби кои водат кон трагични љубовни разврски, од кои излезот се бара во изнајмување на еден ист стан во скопската населба Капиштец. На што се темели љубовта и дали е возможна љубов без болка, е клучната идеја околу која се плетат трите поединечни приказни…

Соња Стојменска-Елзесер и Оливера Ќорвезироска

„Три Марии“ е вешто исткаено четиво кое под површината загатнува безброј отворени и веројатно никогаш до крај објасниви прашања за љубовта, сексуалноста, партнерството, семејството, страстите и емоциите… Роман за љубовта, но не љубовен, туку психолошко-аналитичен; роман за изборите во животот, за жртвите и надежите, за копнежите по среќа… – стои во образложението за наградата.

Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка ја доби книгата „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“). Оваа одлука едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Ристо Василевски и Милован Стефановски (членови).

– Со оваа своја книга, Бранко Цветкоски кон својот суптилен и тивок „молитвен веј“ на зборовите, познат од неговите претходни стихозбирки, придодава и една нова димензија на сопствената поезија, онаа на суверената имагинативност, односно на „вообразбата“ или на „фантазмата“, која станува врвен принцип за сите можни светови, и за овој земниов и за оној небесниот.

Бранко Цветкоски и Иван Џепароски

Метафизичкиот строеж на спокојните стихови на Цветкоски пленува со својата продлабоченост, префинетост и музикалност, покажувајќи ни по којзнае кој пат дека вистинската и врвна лирска поезија умее да нè вознесе и да нè оттргне од баналноста и од тривијалноста на неосмисленото живеење, но и дека со својата автентичност на доживувањето на светот поетот може да ја оствари и толку посакуваната хармонија меѓу мислењето и пеењето. „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“, несомнено, суверено го остваруваат овој врвен поетски стремеж – образложи жирито.

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети („Или-или“). За оваа награда едногласно одлучи комисијата во состав: Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови).

– Победничката книга „Илина и тајните на Бабин Заб“, е продолжение на успешната серија за авантурите на Илина, девојче кое низ приказната се соочува со комплексноста на детството, растењето, волшепството и самоспознавањето. Корнети создава двојни светови – обичниот, секојдневниот, светот на Илина на училиште меѓу своите другари и врсници, како и волшебниот, каде Илина учи мудрост, храброст и способност за носење на одлуки.

Симона Јованоска и Хана Корнети

Хана Корнети успева да балансира помеѓу забавата и едукативната вредност на текстот, нудејќи на младите читатели свет кој е магичен, но и релевантен за реалниот живот. Книгата ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самоспознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање. Победата на „Илина и тајните на Бабин Заб“ ја потврдува значајната улога на Хана Корнети во современата литература за деца и млади, како авторка која умешно создава текстови што се истовремено интригантни, оригинални, вредносни и книжевно извонредни – стои во образложението.

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика ја доби книжевно-критичкото дело „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“). Наградата едногласно ја додели жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска (членови).

– Книгата ја чинат дваесет и три студии и соопштенија. Првиот дел на книгата, „Споредбени студии и истражувања“, е во битна смисла стожерен, составен од единаесет компаративистички проследувања. Она што им е заедничко како структура на промислувањето на студиите во овој прв дел од книгата е тоа што исходишниот фокус врз одредено дело или авторски опус секогаш одново, во одделните студии, се разгледува во дослух и со дела на други автори од други културни средини, напишани на други јазици, а притоа, секако, врз креативното и умешно изнајдено начело на нивната сродност.

Елизабета Шелева и Наташа Аврамовска

Вториот дел од книгата го чинат беседи и слова со кои авторката во текот на изминатите години се огласува во однос на значајни книжевни настани, та низ автентична критичка визура проследува значајни, „канонски“ дела и опуси. Третиот дел на книгата, „Интермедијални љубопитства и релации“, доминантно го чинат текстови испишани во настојувањето за интермедијално промислување на уметноста, односно, уметностите – образложи жирито.

Добитник на наградата „Мост“ на ДПМ, за најдобра книга напишана на јазик што го зборуваат членови на заедниците во Македонија, е збирката песни „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани („Академска книга“). Одлуката едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Делвина Крлуку (претседателка), Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ Стојковска (членови).

– Понуденото поетско дело (во избор и превод на авторот) претставува концептуално заокружен циклус во кој инфинитивот функционира како централна поетска и филозофска тема. Инфинитивот не е само тематска нишка, туку формална, филозофска и етичка рамка што ги држи сите текстови заедно; не е во функција на граматичка форма, туку се развива во егзистенцијална состојба и етички принцип преку кој се преиспитуваат вредносните единици: љубовта, одговорноста, страдањето, моќта и човечката позиција во светот.

Делвина Крлуку и Ахмет Селмани

Сите песни се поврзани во јасна и цврста целина што овозможува поезијата да се чита не како збир на одделни текстови, туку како единствено поетско движење со внатрешна логика и постепено отворање простор за продлабочување – стои во образложението.

Делвина Крлуку, претседателката на жири-комисијата за наградата „Мост“, укажа дека потребно е да се изнајде начин Министерството за култура секоја година да го поддржува преводот на македонски јазик и објавувањето на книгите – добитници на оваа награда.

Фотографии: Наќе Батев

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот