Со проектот „Графичка точка“ ќе се приближи графичката уметност до нова публика
Асоцијацијата за култура ИКОН и Графичката работилница „Софија“ – Богданци, во соработка со Младински културен центар (МКЦ) – Скопје, ќе одржат тридневна манифестација со наслов „Графичка точка“, што ќе се одржи од 23 до 25 август во фоајето на МКЦ во Скопје.
Препорачано
Проектот „Графичка точка“ претставува уникатна платформа посветена на современите графички техники и едукација на млади и возрасни преку практична работа, размена на знаења и отворени уметнички процеси. Настанот обединува професионални уметници, студенти, ученици и поширока публика во тридневна интерактивна програма.
Во рамки на манифестацијата „Графичка точка“, под менторство на доц. м-р Сања Жигиќ од Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, Србија, ќе се совладуваат графичките техники директно во отворена работилница, а менторката од Нови Сад ќе одржи и предавање на тема „Современи графички техники“.
Особен акцент на настанот ќе биде ставен на патувачката графичка преса – мобилна графичка станица во фоајето на МКЦ, отворена за сите љубители на уметноста, случајни посетители и минувачи. Секој заинтересиран посетител ќе може да изработи свој уникатен отпечаток на тема „Градот во отпечаток“. Сите материјали ќе бидат обезбедени од организаторите на настанот.
Манифестацијата вклучува и учество на истакнати македонски уметници како гости кои ќе творат во отворено студио, создавајќи оригинални графички дела пред публика и овозможувајќи директна интеракција во процесот на работа.
Проектот има за цел да ја приближи графиката до нова публика, да го поттикне културниот дијалог и да ја промовира соработката меѓу различни генерации и заедници. Со акцент на отвореноста, достапноста и инклузивноста, „Графичка точка“ претставува динамична средина во која уметноста станува алатка за учење, инспирација и градење нови културни мостови.


