Со претставата „Жени во Собрание“ отворен Фестивалот на монодрамата во Битола

Фото: Битолањуз

Со претставата „Жени во Собрание” на Театар Комедија од Скопје, на сцената на Битолскиот Народен театар вечерва беше отворен 24-тиот Интернационален фестивал на монодрамата, кој ќе се одржува до 20 мај во организација на Центарот за култура под мотото „Да се биде“.

Претставата е работена по мотиви на Аристофан, во препев од проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа предводена од режисерот Ќендрим Ријани.

Во претставата играат актерките: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска, Ангела Стојановска.

На Фестивалот на монодрамата ќе учествуваат актери од 11 земји, со вкупно 13 монодрами кои што на сцената ќе го прикажат овој комплексен театарски приказ. На театарските сцени во Битола ќе гостуваат актери од Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и од Македонија.

-Сцените се подготвени да ги дочекаат актерите кои ја слават монодрамата и ќе се потрудат да остават траен впечаток кај верната публика, која за овој фестивал со огромен интерес го полни гледалиштето- вели директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска-Илијевски.

Фото: Битолањуз

Селекторот на фестивалот, актерот Петар Мирчевски, рече дека годинава пристигнале најмногу апликации споредено со минатите години, а необично е што најголемиот број на апликации пристигнаа од Израел.

– Во едно вакво време, кога сме нападнати од не знам какви се̍ не кризи, да се организира ваков фестивал кој трае девет денови со 13 претстави во официјална конкуренција и 2 претстави во чест на гостите на свеченото отворање и затворање, да се угостат актери од 11 земји, за мене е рамно на подвиг-рече селекторот на фестивалот, Петар Мирчевски.

Новина од годинава е конкурсот за македонски монодрами кој ќе се распише за време на одржувањето на фестивалот.

-По пауза од повеќе од 15 години, го обновуваме конкурсот за монодрамски текст. Една од основните причини зошто беше основан овој Фестивал пред многу години, беше токму да се прошири идејата за монодрама како кај актерите да играат во монодрами, така и кај драматурзите, да ја пишуваат. Се радувам што се враќаме на оваа некогашна иницијатива, а в година очекуваме да се изберат прва, втора и трета награда да се откупат текстовите и да се издадат во книга која ќе биде пормовирана на идното јубилејно 25. издание на Фестивалот на монодрамата-велат организаторите.

Во рамките на Фестивалот ќе бидат организирани работилници за пантомима, како и офф програма која според организаторите ќе внесе позитивна енергија во Битола надвор од театарските сцени.

Фестивалот на монодрамата годинава доби финансиска поддршка од Министерството за култура, Општината Битола и од Шпанската амбасада во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот